Отворена општина за граѓаните, подобра инфраструктура, привлекување на нови инвестиции и отворање на нови работни места, преку стратешка подготвеност, комуникација и активно делување, ќе бидат главните приоритети во чија насока ќе делува локалната самоуправа во Општина Битола, во следниот четиригодишен мандат.
Во овој контекст, градоначалникот Коњановски, во утринската емисија на Телевизија Алфа, зборуваше за затекнатата состојба по преземањето на градоначалничката функција, преземените мерки, започнатите проекти и програмите за работа во следниот период:„Заложбите за создавање подобри услови за живот, единствено може да се остварат со отворена комуникација, соработка и реализација на проекти според приоритетите на граѓаните. Затекнавме затворена општина за граѓаните, закочени предмети, особено во делот на легализацијата, издавањето одобренија за градење, речиси во сите области.Веднаш по преземањето на функцијата градоначалник ги презедов првите чекори, кои се неопходни за да отпочне реализацијата на одредени проекти.
Покрај она што значи континуитет во реализација на инфраструктурни проекти, но со значително поголема динамика, пристапивме и кон започнување на неколку важни проекти.Изградба на објект на нова противпожарна единица и изградба на спортски комплекс, се двата капитални проекти, кои ќе бидат реализирани од оваа локална самоуправа, а за чие отпочнување уште на втората седница на Советот на Општина Битола, побарав од Советот усвојување на Програмата за развојни планови на општина Битола, за периодот 2022 – 2024 година и истата беше едногласно усвоена.Две недели после нашето доаѓање како нова локална самоуправа, согласно ветеното во изборната програма, започнавме со отворена комуникација со граѓаните и го реализиравме првиот отворен ден на кој јас како градоначалник и раководителите на секторите и одделенијата во општината, во текот на целиот ден бевме достапни за сите наши сограѓани, за нивните проблеми и идеи. Притоа, отворениот ден не значеше само слушање и запишување, туку делување веднаш, секаде каде што тоа беше законски можно.Пристапивме кон решавање на предметите за легализација, од кои во мандатот на претходната локална самоуправа, биле решени само 746. Од вкупно доставените 17.543 барања, од кои некои се поднесени уште во 2011 година, за решавање имаме 6.592 предмети. За 10 дена, издадовме повеќе решенија и продолжувме со уште позабрзана динамика, до решавање на сите предмети.Во програмата за следната година, планираме инфраструктурни проекти на повеќе места во урбаните и руралните средини, кои ќе се реализираат во одредени рокови. Дигитализација на традиционалните услуги, инвестиции во животната средина, образованието, социјалната заштита, младите, спортот, културата, се исто така области за кои веќе подготвуваме конкретни проекти, чиј бенефит, ќе може да се почувствува уште од идната година“, рече градоначалникот Коњановски, во утринскиот разговор на Телевизија Алфа.Меѓудругото, тој нагласи дека, локалната самоуправа, ќе работи во насока на создавање економски силна општина за подобар животен стандард на сите граѓани.
Единствената шанса како локална самоуправа да обезбедиме отворање на нови работни места е преку создавање услови за нови инвеститори. Ова подразбира понатамошно вложување во комплетната инфраструктура на индустриската зона Жабени, но и детектирање на сите постојни и скриени потенцијали на општината.„Само со ваквата отвореност и подготвеност, можеме да зборуваме за нови инвестиции, нови работни места и подобар живот за сите битолчани“, рече градоначалникот Коњановски.