Селото Богородица се наоѓа во Општина Гевгелија, во областа Бојмија, во околината на градот Гевгелија.
Селото е рамничарско, сместено на надморска височина од 55 метри. Од градот Гевгелија е оддалечено 3 километри
Во XIX век, Богородица било христијанско-муслиманско село во рамките на Гевгелиската каза на Отоманското Царство.
Селото било тешко оштетено при Валандовскиот земјотрес во 1931 година.
Вкупно 3 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.
Граничниот премин „Богородица“ е отворен во 1973 година.
Богородица е големо село, со пораст на своето население. Во 1961 година, селото броело 821 жител, а во 1994 година бројот се зголемил на 1.011 жители, од кои 990 Македонци, 17 Срби и 2 Власи
Според пописот од 2002 година, во селото Богородица имало 1.001 жител, од кои 975 Македонци, 18 Срби, 7 Власи и 1 останат.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 896 жители, од кои 861 Македонец, 1 Турчин, 1 Влав, 1 Србин, 3 останати и 29 лица без податоци
Главна селска црква е сместена во главниот дел на селото
Црквата првично била подигната во XIX век, но се наоѓала на друго место. Денешната црква е изградена во 1911 година од страна мијачкиот неимар Андон Китанов, а иконостасот бил изработен во 1935 година од неидентификуван зограф од Галичник.
Градбата на црквата е трикорабна, со рамни дрвени тавани, при што средишниот кораб ги надвишува двата странични. Во средината на средишниот кораб е насликана фреска со претстава на Исус Христос Седржител. Иконостасот во црквата го исполнуваат четири реда икони, насликани во 1935 година од непознат зограф. Во црквата има и стари икони од XIX век, изработени од страна на непознати зографи. Кон јужниот ѕид на црквата е доградена припрата, на источниот ѕид има полукружна апсида со прозорец во средишниот дел.
Во дворот на црквата е сместена камбанаријата. Таа има шестаголна основа и се издига во непосредна близина на оградата од дворот и источниот ѕид на црквата. Таа содржи по една монофора на секоја страна во висина на ѕвоното во нејзиниот горен дел, како и уште една на источната страна во висина на скалата која води до ѕвоното. Освен камбанаријата, во дворот на црквата има и чешма којашто е изработена од камен.
Натпис на влезната порта од дворот на црквата
Култот на Пресвета Богородица има значајно место кај македонскиот народ. Многу цркви што го носат нејзиното име се изградени по соништа, а има и голем број преданија за чудотворни икони со ликот на мајката божја. Стефан Тановиќ сведочи дека во Гевгелиско празникот Мала Богородица се сметал за тежок и аталија празник, а во селото Богородица на овој ден се одржувал голем панаѓур. С. Тановиќ сведочи дека селото Богородица името го добило поради тоа што тука во селската црква престојувала Св. Богородица односно нејзиниот дух. Таа икона во која престојувала Св. Богородица, според раскажувањето на селаните постојано се движела.
автор на фото M.pvsk