+ + +
Сите денови од Страдалната седмица се нарекуваат „Велики“, заради величието на настаните што се празнуваат во тие дни. Тоа се најтешките денови и најисполнети со молитви и богослужби. Во првите три дена (Велики понеделник, Велики вторник и Велика среда) низ богослуженијата, верниците се подготвуваат за сеќавањата на Христовите страдања. Трите дена се посветени на последните беседи и поуки на Господа Исуса Христа кон апостолите и кон луѓето.
Светата Црква определила во овие три дни, на богослужбите (часовите) да се прочита целото Четвороевангелие. Тоа има за цел да ни покаже дека Господ Исус Христос со Својот богочовечки живот на земјава, со сè што учел и правел, им се покажал на луѓето дека е вистински Бог и вистински Човек, односно Богочовек и затоа Неговите страдања се спасителни за нас. Во овие денови треба да ја сфатиме големата трогателност и да ја разбереме нашата гревовност. Да се смириме и скрушено да се покаеме и да се помолиме.
Трите дена се служи Литургија на предосветените дарови.
+ + +
На Велики понеделник одбележуваме осум библиски настани: четири од Стариот и четири од Новиот завет. Велики понеделник е: ден на Јосиф, намразениот од браќа си; ден на пророчките виденија; ден на маките во ропството и ден на праведниот Јов; како и: ден на бесплодната смоква, неправедните лозари, за крајот на светот и очистувањето на храмот.
Страдањата на Јосифа, намразениот од своите браќа
На богослужбите се читаат делови од Светото писмо во кои се опишани настаните што се случиле на тој ден, личностите кои се поврзани со денот или конкретните пораки за денот. Таков е примерот од Стариот завет, за страдањата на Јосифа поради зависта на неговите браќа кои го предале, го продале и го понизиле како роб (прочитајте: 1. Мој. 37,18-36; 41,38-44; 42,1-8 и натаму, до 45,28). Тоа е вистински настан, историска вистина за конкретни личности и конкретно време. Запишан е во Библијата.
Во Синаксарот, пак, се вели: Јосиф е преобраз на Христа, затоа што и Господа Исуса Христа Го намразиле истородните браќа Евреи (како и браќата Јосифови), а Неговиот ученик (еден од 12-те) Го предаде (Го продаде) за триесет сребреници.
Станало онака, како што направиле и браќата на Јосифа, кои го намразиле, го отфрлиле, го измачувале, го предале и го продале за пари, а тоа го сториле без причина и без никаква вина на Јосифа. Направено е злото само поради нивната завист и злобност, а не дека бил тој виновен за нешто. Исто така направиле и со Христа Господа. Кому му згреши Он? Никому! Но,…
Затоа, Јосиф од Стариот завет е првата библиска слика и јасна праслика за страдањата на Господа Исуса Христа. Токму затоа, со него започнува Страдалната седмица – Велики понеделник.
Денес си спомнуваме и за еден друг библиски Јосиф, од Новиот завет, од Христово време, којшто е поврзан со страдањата на Господа. Тоа е Јосиф од Ариматеја – видна личност во тоа време, член на тогашниот Парламент (Синедрион) во Ерусалим. Тој парламентарец ја отстапил својата гробница, за во неа да биде погребан Христос. По крстните страдања и смртта, Господ Исус Христос бил погребан во мрачниот и тесен гроб, а гробниот камен бил запечатен. Гробницата на Јосиф Ариматеец е споредена со јамата во која бил фрлен Јосиф од рацете на неговите браќа (1. Мој. 7,24).
Господ Исус Христос, пак, станувајќи од гробот, воскреснувајќи со сопствената сила, се зацарил над сите и над сè, како што се зацарил и Јосиф во Египет. Тој, фрлениот Јосиф, потоа станал царски управител, којшто ги спасил своите браќа од смртта. Христос зацари над секој грев, го победи злото и владее над сè и над сите. Човекољубиво нè откупи и нè дарува со добрини. Ни ја дава таинствената пченица – и нè храни со небесниот леб – со Своето живоносно тело. Таков беше и Јосиф: давател на пченица за своите браќа и ризничар на добра.