Манастирот “Св. Еразмо” е единствен во Македонија. Тој се наоѓа на северозападната страна на брегот на Охридското Езеро, на најјужниот огранок Мазатар на Плаќенска Планина, втиснат во голема карпа на Габавски Рид. Од Коселска Река до манастирот месноста е позната како “Св. Еразмо”, а во катастарот се води во КО Долно Лакочереј под име Габавци, бидејќи тука порано имало мало село Габавци.
Во манастирот “Св. Еразмо” има две цркви посветени на Свети Еразмо.
Најстара, и чудотворна, е пештерската црква. Нејзиниот живопис е од XIII век, но доста е оштетен. Препознатлив е ликот на св. Еразмо, па св. Константин и св. Елена, св. Макрина; во горниот дел од полукалотата допојасно е св. Богородица со раширени раце, на чии гради во медалјон е малиот Исус Христос.
Поголем дел од живописот е од XVII век.