Свети Николај Чудотворец, архиепископ Мирликиски — се смета за заштитник на морињата. На христијанските бродови обично се наоѓа иконата на светителот, а спроти денот на славењето бродовите застануваат каде и да се наоѓаат, се фрла сидрото во морето, морнарите ќе се помолат и ќе прославуваат цел ден, а утредента ќе го продолжат пловењето. На иконите Свети Никола се претставува со својата архиерејска одежда.
Христијаните веруваат дека Свети Никола Чудотворец на многупати ги спасувал изгубените бродови и поради тоа тој е заштитник на морепловците, рибарите, бродовите. Во Германија, Холандија и Белгија се празнува како детски празник кога децата добиваат разни поклони во зависност од тоа кој колку бил послушен во текот на изминатата година. Заштитник на градот Амстердам, Руската федерација и Грција. Во грчкиот фолклор, Свети Никола се опишува како „Господар на морето“. Православната црква го смета за еден од најголемите и најпочитуваните светци. Градот Мира денеска го носи името Демре во Турција. Самите Турци Свети Никола го препознаваат како Неол Баба.
Во христијанскиот календар, Свети Никола се слави на 6 декември според новиот Грегоријански календар т.е. на 19 декември, според стариот Јулијански календар.
Во Република Македонија, празникот Свети Никола се слави на 19 декември и на 22 мај како Свети Никола Летни.
- Св. Никола е заштитник на градот Прилеп, согласно одлуката на општина Прилеп.
- Градот Свети Николе на овој ден го прославува својот градски празник.
Во Бигорски Манастир се чува делче од чесните мошти на Св.Никола.