95
На последниот ден од февруари, граѓаните побрзаа да направат залихи од брашно, а млиновите во истиот ден продале и по неколку тони повеќе од вообичаените количини.
Каква ќе биде состојбата понатаму, не знаат ниту граѓаните, ниту сопствениците на млиновите. Граѓаните се плашат од поскапување, но стравуваат и дека е можно да нема брашно во доволни количини поради кризата во Украина. Има млинови кои продале за 3 тони повеќе брашно од вообичаено. Ако секој ден продаваат по 5 тони, на 28 февруари продале 8 тони. Млинарите велат дека е реално и можно, млин кој има голем број потрошувачи, во еден таков фреквентен ден да продаде и 10 тони брашно.
„Завчера владееше вистинско лудило. Имаше многу купувачи и сите купуваа по 2 или 4 вреќи брашно. На 1 март цената скокна за 50 денари, и не се работи за штедење, туку граѓаните се плашат дека ќе снема брашно. Ако сакаме да штедиме, нема да купуваме цигари од 120 денари или скапи мобилни телефони. Купуваа луѓе од градот, од селата, но и жители на соседната Општина Старо Нагоричане“, велат од млин во кумановско.
Од Млин Малиновски лоциран во селото Орашац исто така објаснуваат дека на последниот ден од месец февруари, имало зголемена побарувачка на брашно.
„Луѓето купуваа три пати повеќе брашно од вообичаено затоа што се плашат дека ќе снема. Ако продаваме по еден тон дневно во редовни денови, завчера сме продале од 2 до 3 тони брашно. Купуваа луѓето од селата и оние кои се на поминување“, додаваат од Млин Малиновски.
Во продавниците и маркетите имаше и празни рафтови, и затоа дел од граѓаните за да купат брашно, беа принудени да одат од маркет на маркет или од продавница на продавница.
„Живеам на село, и имам количини на брашно од житариците кои сами ги произведуваме. Но, за да го пополнам тој празен период, додека да добијам ново брашно, а старите залихи се трошат, купив две вреќи. Во маркет не најдов, па се упатив во продавница. Продавачите укажаа дека од 1 март ќе има нови повисоки цени. Искрено, поскапувањата ме плашат и сметам дека како и за сѐ друго, сиромашните граѓани ќе бидат најпогодени“, вели наш соговорник.
Властите вчера порача дека има доволни количини храна и дека граѓаните не треба да паничат. Од 1 март граѓаните се соочуваат со нови поскапувања, откако цените на одредени производи се одмрзнати. Инвазијата на Русија врз Украина која почна на 24 февруари, економски ќе ја погоди и нашата земја, а последиците допрва ќе ги почувствуваме. Ако граѓаните сепак решат да прават залихи, треба да внимаваат, да купуваат храна која има подолг рок на употреба, и не се расипува лесно, за да не фрлат пари во ветер. Инаку, во Македонија минималецот се покачи, така што од овој месец, работниците ќе земаат по 18.000 денари. Но, со оглед на поскапувањата, тоа нема да донесе благосостојба, ниту да го подобри стандардот за граѓаните.
Сања Атанасовска