Д-р Коњановски за „Фокус“: Дали Битола треба „да светка“ во енергетска криза?

Битолскиот градоначалник д-р Тони Коњановски за ,,Фокус” открива дали во општината ќе има организиран новогодишен дочек, но и дали градот празнично ќе заблеска. Со оглед на тоа што поголемиот дел од општините годинава поради енергетската криза, но и поради актуелната пандемија со корона вирус, се решија за скромно украсување, без музичка програма на плоштад за време на дочекот, д-р Коњановски вели дека се решиле да постапат рационално.

Зимска приказна пред Офицерскиот дом, едноставно осветлување со лед светилки, штандови и програма со битолски естрадни уметници е она кое ќе се случува во Битола за време на празниците.

-Изминаа 35 денови од преземањето на мандатот како градоначалник на Општина Битола и од старт, заради доаѓањето на празниците и заради ставот да гледаме реално на проблемите, а не да се луксузираме, со моите соработници си го поставивме ова прашање: Дали Битола треба “да светка” во енергетска криза?

Секој разумен човек, во вакви мигови треба да размислува рационално. Оттука одлуката да се осветли едноставно и елегантно Широк Сокак со лед светилки и така да биде оваа година.

Има уште едно важно прашање. Она што убедливо секоја година се коментираше меѓу граѓаните во предновогодишниот период, а тоа се вртоглавите суми со кои се обезбедуваше масовно украсување на градот кое се коментираше и заради немање естетика и стихијност без концепт, а и трошоци за програма за дочек на плоштад со ѕвезди од страна.

Граѓаните низ годините ја потенцираа важноста од пренамена на средствата наменети за украсување и скапа програма за цели кои ќе бидат од општа корист. А украсувањето да биде со потребната доза на естетика за град како Битола. Прослави да има, граѓаните заслужуваат, но сумите да бидат разумни. И тоа ќе го направиме.

Да не беше енергетската криза, сигурно украсувањето само на главната улица ќе го проширевме и на територија на целата општина, но сепак во рамки на некој оптимум- појаснува градоначалникот.

Неофицијално, средства во висина од околу 20.000 евра ќе бидат одвоени за празничните настани и украсување на општината, а програмата ќе се случува под отворено небо.

-Планираме седум- дневна празнична програма на платото пред неодамна реконструираниот Офицерски Дом, со што промовираме нова локација за убави настани, овој пат под отворено небо, заради уште еден предизвик со кој живееме веќе втора година, а тоа е здравствената Ковид криза.

Планираме да направиме поинакви незаборавни празнични спомени во Битола, низ таа ЗИМСКА ПРИКАЗНА-проект кој во Битола ќе донесе празнична магија со еден ваков прв организиран празничен маркет на подароци, сувенири, храна, пијалаци, музика и мирна забава. Настанот е наменет за сите жители на градот, на околните општини и на гости кои ќе ја посетуваат Битола пред празниците, со намера истиот да прерасне во туристички производ на кој можат да се приклучат и хотелиери и угостители и други пратечки индустрии и да расте низ годините што доаѓаат.

Значи, гледаме стратешки и ова е само старт. Девет- дневен настан, на кој ќе се презентираат сите битолски музички и сценски артисти со своја програма. Ќе биде поставена бина во таа недела, со озвучување, ќе се постават 15 дрвени куќички/штандови во кои предност ќе имаат битолски компании кои ќе сакаат да ја искористат шансата за своја промоција, но и продажба на производи и услуги, со што ја поддржуваме локалната економија. Како што е впрочем на вакви празнични маркети ширум светот-изјави др-р Коњановски.

Вики Клинчарова

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Leave a Comment