Едно од многубројните чуда на свети Никола (270-343)

Во Цариград живееше еден благочестив човек, полн со вера во Господа Христа. Тој го сакаше и многу го почитуваше големиот угодник Божји свети Никола. Еднаш, подготвувајќи се по некоја работа да отпатува со кораб во друга земја, тој според својот обичај отиде во црквата на свети Николај и му се помоли на Божјиот Светител. Потоа се прости со пријателите и со соседите, па се качи на коработ и отпатува. Во три часот по полноќ почна да дува силен ветер и започна невреме. Морнарите се растрчаа околу притегнувањето на едрата, им прискокна на помош и овој благочестив човек, но некако се сопна и падна во морето. Мракот беше страшен, ветрот силен, та не можеа да му притекнат на помош на давеникот, иако сите го сожалуваа и офкаа. А тој, онака облечен, борејќи се со брановите и тонејќи викна: „Свети Никола, помогни ми!“

И – о чудо! Тој одеднаш се најде во својата куќа во Цариград, иако му се чинеше дека уште е во длабочината на морето. Неговите домашни, штом го чуја неговиот глас, запалија свеќи. На тоа дотрчаа и соседите и го видоа како стои насред куќа, громогласно зборува, а облеката сета му се цеди од морската вода. Сите се скаменија од ужас и страв, неспособни збор да прозборат. А давеникот им рече:

„Браќа, што се случува? Знам дека вчера се простив со вас, па отидов на кораб. Коработ се отисна и ние пловевме по морската шир. Потоа дувна силен ветар, настана бура, морнарите се растрчаа околу едрата, а јас некако се препнав, и зафатен од ветрот паднав во морето, и го повикав на помош свети Никола. А сега каде сум, не знам. Кажете ми, да не сум полудел? Што се случило со мене?“

А тие, кога го слушнаа што кажува и гледајќи како морска вода му тече од облеката, разбраа дека се случило прекрасно чудо. И сите почнаа да се радуваат со него и долго од радост плачеа и воскликнуваа: „Господи помилуј!“

Потоа давеникот се преоблече и отиде во црквата на свети Николај. И остатокот од ноќта го помина во молитва, плачејќи, правејќи метании и вознесувајќи Му благодарност на Бога и на чудесниот угодник Негов, светителот Никола.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Leave a Comment