За исцелувањето на „Богородица во црно“ доаѓаат од цел свет

Манастирскиот комплекс го сочинуваат една пештерска и една нова црква посветена на раѓањето на Богородица, црквата посветена на светите апостоли Петар и Павле и пештерската црква посветена на св. Атанасиј. Манастирскиот живот почнува во карпите уште пред 1.000 години. Има малку пишани документи, но приказните се раскажуваат и се пренесуваат од претходните генерации.

Стрмни скали водат до пештерната црква „Св. Атанасиј Велики“


Чкртаници ги нагрдуваат фреските

Отец Наум се повлекува во своите одаи, а ние му се заблагодаруваме за времето минато со нас, оти ништо на овој свет не е подрагоцено од подареното време.

Во нашата прошетка нѐ придружува Наќе Парталов. По потекло е од Струмица, ама својот дом веќе десетина години си го пронашол во манастирот. Историчар по национална историја, но и историчар на уметност, кустос, домаќин – сѐ е Наќе. Одлика само на големи и способни луѓе. Додека разговараме, Наќе полека нѐ поведува во пештерската црква. Температурната разлика веднаш се чувствува, ама овојпат на телото таа разлика му годи.

– Oва е манастирски комплекс во кој манастирскиот живот почнува овде во oваа карпа уште пред 1.000 години. Има малку пишани документи, но се потпираме на кажувањата и на она што останало од претходните генерации. Првото ниво има две монашки ќелии, на второто ниво има една монашка ќелија, а на третото ниво е манастирот од 14 век. Кога се вели 14 век, се мисли на фрескоживописот. Меѓутоа, мора да се напомене дека првиот монах живеел многу пред да се направи фрескоживописот. Монасите овде го минувале животот исихастички. Обично по еден човек спиел во ќелијата, братството било мало, од тројца или четворица луѓе. Монасите секој ден биле во пост и во молитва, а еднаш неделно имале литургија – ни раскажува Наќе.

Разговорот се одвива додека полека се качуваме по стрмните скали нагоре, а на секој кат во пештерата можеме да ги видиме ќелите во кои живееле монасите во минатото.

Иконата „Богородица во црно“ е единствена на Балканот што е сликана во темни бои

СЛЕПИ ПРОГЛЕДАЛЕ, ПАРАЛИЗИРАНИ ПРООДЕЛЕ

– Во фрескописот ќе видите мотиви што ги има во сите православни храмови. Меѓутоа овде има две фрески што се ретки во православниот свет, и плус уште една што е единствена и уникатна. Едната е Гостопримството Аврамово, сцена што прикажува кога Бог го посетува домот на Аврам и Сара. Ретка фреска е и Свети Кирил Александриски, кој бил епископ на градот Александрија и кој поради клевета бил затворен во затвор и додека бил во затвор го видел Исус Христос како мало дете. Единствена и уникатна фреска, пак, е оваа на која се претставени свети Кирил и свети Климент. Во иконографијата или во фрескописанието секогаш се гледаат свети Кирил и свети Методија, или свети Климент и свети Наум, меѓутоа оваа комбинација со учителот и ученикот не можете да ја видите на друго место, освен овде. Фреската има едукативен карактер оти во нивните раце има писание. Во оваа црква е направена и една отстапка од стандардното претставување на сцените, а станува збор за Тајната вечера, која обично е насликана во олтарскиот дел, ама поради димензиите на црквата овде таа е насликана на јужниот ѕид. Зографите биле од струшкиот регион, но не се знае точно кои биле – објаснува кустосот.

 Пристапност– Калишта се наоѓа на 4 километри јужно од Струга
– Патот е убав и асфалтиран
– До „Св. Атанасиј Велики“ мора да се пешачи околу пет минутиФакти– Само во овој манастир свети Кирил и свети Климент се прикажани заедно
– Постојат само две икона на „Црна Богородица“ – нашата и една во Русија
– Пештерската црква е многу постара од времето кога е насликан фрескоживописот

Врз фреските била извршена реставрација во 16 век и во 18 век, додека надворешниот дел е изграден некаде во 18 век. Залепениот дел за карпата е од 1970-тите, а претходно карпата била одвоена од стариот конак. Манастирот почнал да функционира како машки, па потоа до 2007 година функционирал како женски, за денес повторно да биде машки.

Се поднаведнуваме додека излегуваме од пештерската црква оти вратата е исклучително ниска.
– Предните врати се мали затоа што кога се влегува кај цар или кај Господ, се прават длабоки поклони, дури и со коленици се влегува. Ама, нели, има луѓе што ќе заборават да се поклонат на вечниот цар, па вратата ќе ги потсети дека мора да се влезе со наведната глава и половина – вели Наќе и додека полека излегуваме од пештерската црква и додава: „Влеговте во средниот век, ајде сега враќајте се во новиот“.

Се упатуваме кон храмот посветен на раѓањето на Пресвета Богородица или народски кажано – Мала
Богородица. Овој храм е обновен на темели на стар храм од 18 век, додека преостанатите работи датираат од понов датум. Во главниот храм фрескописот е работен во 1984-1985 година, а го правел Драгомир Јашевиќ-Јаша, академски сликар од Белград, и изработен е во духот на источновизантиското сликање. Резбата на иконостасот е изработена од тајфата на Наум Донев од Охрид.

Во овој храм се наоѓа и познатата икона на Богородица, која е насликана во темни бои. Некои ја викаат и Богородица во црно или Црна Богородица, а нејзината исцелителна моќ е надалеку позната.


Јаворот пред манастирскиот комплекс е стар околу 700 години


Езерските води ја дополнуваат сценографијата

– Калишката Пресвета Богородица, насликана во темни бои, датира од 15 век. Првин беше во пештерската црква, а потоа е донесена овде. Тоа е икона со чудотворна сила и моќ. Во записите што постојат пишува дека многу луѓе се излечиле од неизлечливи болести. Слепи прогледале, парализирани прооделе, а особено помага на жени што подолго време немале деца. Откако сум јас тука, повеќе мајки имаат дојдено да се поклонат пред иконата на Богородица за да ѝ се заблагодарат што станале мајки. Тоа се жени што претходно имале сѐ пробано, и лекарства и чуда, ама откако се помолиле на Богородица молитвите им се услишиле. Последен запис што постои за чудотворноста на иконата датира од Втората светска војна, за време на фашистичките окупатори. Односно тие ја врзале иконата со железни синџири и ја фрлиле неколку пати во езерото за да потоне и да се уништи. Ама пред нивни очи иконата не потонувала и сама се враќала на брегот. Па така, тие што сакале да ја уништат сфатиле дека не е случајност што неколку пати по ред иконата не им потонува и се враќа на брегот и дека има посебна моќ и дека треба да остане овде – раскажува Наќе.

 Наќе Парталов– За време на Втората светска војна фашистичките окупатори ја врзале иконата на Богородица во црно со железни синџири и ја фрлиле неколкупати во езерото за да потоне и да се уништи. Ама пред нивни очи иконата не потонувала и сама се враќала на брегот. Па така, тие што сакале да ја уништат сфатиле дека не е случајност што неколку пати по ред иконата не им потонува и се враќа на брегот и дека има посебна моќ

Ѝ СЕ МОЛАТ И МУСЛИМАНИ

Иконата досега има претрпено една реставрација, поради незнаењето на луѓето, раскажува Наќе, и објаснува дека луѓето мислеле дека ако земат парче од иконата и го носат како амајлија тоа ќе им помогне во остварувањето на некои желби.

– Иконата е единствена на Балканот што е сликана во темни бои. Во православниот свет има уште една икона на Пресвета Богородица насликана во темни бои и се наоѓа во Русија. Таа икона ја има насликано апостол Лука. Токму поради него знаеме како изгледале некои светители затоа што тој ги цртал. Таа икона е најдена во 11 век во Цариград од страна на Русите, кои ја однеле во својата земја и ја чуваат како национално богатство. Нашата икона, исто има нумерички број и шифра и се води како национално богатство – додава Парталов.


Монашките ќелии се распоредени на две нивоа, а на третото е манастирот посветен на раѓањето на Пресвета Богородица

За Богородица доаѓаат луѓе од целиот свет, не само оние од земјава и локалното население. Независно на која вера и религија припаѓаат.

– И муслимани доаѓаат да се молат. Виделе голем себап од Пресвета Богородица. Па 50 отсто за време на празникот што доаѓаат се муслимани. Постарите муслимани од селото ни имаат раскажувано многу чуда. Една од приказните е како некое дете зело пари од манастиров. Арно ама кога детето стигнало дома паднало пред порта. И кажало дома што направило. Таткото дошол и донел трипати повеќе пари, па детето се оправило. Некој друг, пак, сакал дрва да зема од манастирот. И кога сакал да земе, му се појавил некој човек што му рекол да ги остави дрвата оти се манастирски, и овој се уплашил затоа што видел дека не е човек со тело, туку само во бела облека – ни зборува Наќе за легендите што се шират меѓу населението.

„СВ. АТАНАСИЈ ВЕЛИКИ“ Е ВАНДАЛСКИ УНИШТЕНА

Среде дворот окото ни го привлекува едно големо дрво. Наќе вели дека е јавор и дека е стар околу 700 години. На другата страна на дворот, пак, се наоѓа црквата посветена на светите апостоли Петар и Павле. Под неа тече вода за која се верува дека има лековита моќ.

– Овде отсекогаш течела оваа вода, која има лековита моќ. Помага на луѓе што страдаат од главоболка и што имаат проблем со очите. На многу им има помогнато. Од Албанија доаѓаат и со канти полнат вода оттука – вели Наќе.


Под црквата „Св.  Петар и Павле“ тече лековита вода

На само пет минути пешачење покрај езерото, исто во рамки на овој комплекс, се наоѓа манастирот посветен на Атанасиј Велики, кој датира од 13 век. За да се стигне до него испречени се стрмни скали, ама кога човек ќе се искачи до пештерата поставена високо, нема да зажали. Погледот е величествен. Впрочем, од четирите пештерски цркви во Струшко, две се наоѓаат токму во Калишта, едната е во Радожда, а четвртата во село Вишни.

Сепак, колку ќе се воодушевите, толку и ќе ве стегне срцето. Ишарани ѕидови, оштетен фрескопис.
– Ги кршат вратата и катанците, сега ја врзуваме со жици колку да не влегуваат животинки. Катанец веќе не ставаме за да сфатат дека нема што да најдат внатре, ама сѐ е попусто. Постојано ја крадат. Многу е оштетена и однадвор и внатре, особено фрескоживописот. Фреските ги оштетуваат за разни болести. Некој ќе им каже од таа црква земете дел и донесете за лек, и затоа ги оштетуваат, што е сосема погрешно, од секој аспект – вели Парталов.

Додека полека се враќаме накај главниот комплекс, нашиот водач и домаќин ни објаснува зошто местото се вика Калишта.

– Пред векови водата била до подножјето до самата планина. И овој дел сега кај што стоиме бил под вода, која и сега е под нас. Како што се смалувало езерото и се повлекувала водата, останал само кал. Сепак, луѓето почнале да прават куќи. Па кога ќе ги прашале каде живеат, викале: Онде напрајв куќа, кај калиштана – вели Наќе.

И луѓето не згрешиле. Оти некогаш да изградиш куќа среде кал, значи да имаш храброст и покрај тоа што не знаеш дека еден ден калта ќе се престори во рај.

https://www.youtube.com/watch?v=AiKkdGDXyp0

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Leave a Comment