Звукот на камбаната одекнува низ воздухот и ја растреперува душата. Се радува на новите животи и жали за оние кои веќе поминале. Се радува и плаче. Одекнува како вековен дамар на градот. Делумно вкопана во земја црквата Св. Димитрија е сведоштво за досетливоста и мудроста на нашиот неимар.
Да можеме да погледнеме назад во историјата и да ги одгатнеме тајните на минатото сигурно ќе наидеме на безброј изненадувања.
Камбанаријата изградена стотина години подоцна од оваа катедрална црква доминира во тој простран двор и со своите звуци како да повикува да влеземе. Чекорејќи полека влегувајќи во широкиот двор кој се отвора пред нашите очи ќе здогледаме масивна но едноставна камена градба.
Годината 1830 кога е изградена оваа црква не претставува само хронолошки знак туку само еден фрагмент од вечноста. Тоа не се празни содржини затоа што ниту еден човеков момент, ден или година не можат да бидат празни. Тие се исполнети со радост и среќа, со болка и страдање, со живот и смрт.
Влегувајќи низ еден од влезовите на застаклениот трем ќе го почувствуваме мирисот на темјанот и свеќите кои со растреперени раце ги палат верниците. Молејќи се за здравје и среќа или пак оддавајќи почит на починатите, тие за момент го запираат времето и влегуваат во друг свет. Само во овој храм на ваков начин може да се почувствува божјиот мир. Изградена на местото на некогашниот стар параклис кој изгорел во пожар со посебно одобрение, и спрема султановиот берат, била повторно изградена. Но таа и покрај сите желби да биде висока велелепна градба според турските закони не смеела да биде повисока. Затоа вкопувањето во земја бил најдобриот начин да се испочитува законот, а притоа да се постигне саканата цел. Израдена за само четири месеци со доброволни прилози од битолските христијани, а без оглед на нивната етничка припадност, овој храм повторно изникнува од пепелта и станува место каде верниците слободно се обраќаат кон бога.
Многубројните еснафи: абаџии, чојаџии, бакали, меанџии, папуџии, кујунџии и др. секој според можностите, но несебично ја помагаа изградбата на овој светол храм. Неговото внатрешно богатство ќе се распостели пред нас штом зачекориме надолу по скалите спуштајќи се во околу 1м вкопаната во земја тробродна базилика. Тогаш пред нашите очи се отвора огромна просторија од која се слуша Божјото Слово. Два реда на масивни столбови по шест од двете страни ја делат црквата на три брода од кои централниот е најголем. Централниот брод е засводен, а неговите краеви се потпираат на двата реда столбови. Спратните галерии и целокупниот црковен мобилијар му даваат посебна убавина на овој храм. Размислувајќи за раскошот и чувствувајќи го мирисот на темјанот, пред нас се отвараат три олтари високи и величествени. Централниот е посветен на Св. Димитрија, јужниот Благовести и северниот на Св. Никола. Целиот иконостас е изработен во позлатена резба од вештите раце на засега непозната резбарска тајфа, но сигурно составена од македонски мајстори. Колку само лози и листови се испреплетиле за да ја исплетат оваа магија. Таа ги прегрнува бројните икони кои ја раскажуваат приказната за христијанството. Лавовите чувари на храмот ја следат истата древна семантика и гледајќи од велелепниот иконостас во секој од нас влеваат стравопочитување пред оваа убавина.