Казни најави Спасовски за објавените лажни вести за исчезнатото девојче

Профилите што шират лажни вести во медиумите, на „Фејсбук“ и на другите јавни мрежи за исчезнатото девојче се детектирани и против нив ќе се преземат мерки во соработка со јавниот обвинител, рече денес министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Во медиумите што објективно информираат Спасовски гледа сојузници во борбата против лажните вести, но полицијата веќе открила и такви што прават сензација од исчезнувањето на 14-годишната Вања Ѓорчевска.

„Морам да кажам дека сите тие профили што објавуваат какви било лажни вести се детектираат и сите ќе бидат, а некои веќе се и повикани во полициска станица. Таму каде што ќе се утврди дека ја загрозуваат истрагата и придонесуваат да имаме сериозна штета во јавноста, ќе се преземаат мерки заедно со јавниот обвинител. Ова го укажувам затоа што сметам дека ваквите работи не се тема што може да се смета како несериозна или како тема со која ние можеме да се забавуваме како луѓе. Напротив, сметам дека максимално треба да бидеме посветени во добивање резултат од она што ние го работиме“, рече Спасовски.

По исчезнатото девојче се трага петти ден. Полицијата во електронските уреди на семејството, како што извести денес министерот Спасовски, нашла податоци што помагаат во истрагата, но детали нема да соопшти за да не ја загрози. Најави дека во следниот период на дневна база ќе информираат за исчезнатото девојче.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Leave a Comment