Како правилно треба да се слави куќна слава или именден?

Додека во некои краеви од нашата земја, повеќе постои традиција на куќни слави, во други краеви пак, се слават имендени. И двете славења имаат многу заедничко, а по нешто се разликуваат. Празникот или светителот што се слави се смета за заштитник на семејството, на домот. Семејството е мала Црква, а и домашниот празник значи заедница со роднините, блиските и пријателите – како Црква Божја, па затоа и најмалата семејна заедница треба да има свој домашен празник.

Светителот не е само наш посредник и молитвеник пред Бога, туку претставува и жива врска со сите наши семејни претци уште од времето на примањето на христијанството, со кои нè поврзува во едно живо семејство, кое трае со стотици и илјадници години.

Куќната слава се наследува, од татко, дедо, прадедо, од колено на колено. Но, ново семејство може да си земе и нова слава, различна од татковата куќа. Доколку децата живеат заедно со родителите, тоа ќе го прават заедно со нив, а штом ќе се одвојат од нив, како нови домаќини, тие треба да си земат свој празник.

Значи, откако ќе се формира посебно семејство, кое живее самостојно, тоа треба да има и свој заштитник на семејството и домот – домашен празник (слава). Погрешно е мислењето дека децата не смеат да слават домашен празник додека се живи родителите, бидејќи тие не им ја предале славата.

Имендените се прославување на светител чиешто име некој го носи. Во минатото во православните народи, кога ќе се родело дете му ставале име на светителот, што се слави тој ден или пак по најблискиот поголем празник. Носењето христијанско име, е многу важно, за да имаме пример во нашиот живот, да се угледуваме на животот и делата на светителот што му го носиме името. Обврска и должност е, секој христијанин да знае за својот светител, за неговиот живот, дела, и зборови со кои ја докажал својата вера во Господ Христос. И особено е важно и молитвено да му се обраќа за помош и застапништво пред Бога.

Како правилно треба да се слави куќна слава или именден?

Овие празници се христијански и треба да се прославуваат на христијански начин – така што акцентот нема да биде ставен на храната, забавата и музиката, туку на духовната димензија на празникот. Најважно е да се дојде во Црква и да се присуствува на Божествена Литургија. Ако не може точно на денот, тогаш треба да се дојде на Литургија најблиската недела. Секако, се прави колач (славски леб) и варена пченица (коливо) и се носи во Црква или се повикува свештеникот дома за благослов и осветување. Дома, покрај колачот (лебот), пченицата, треба да има и црвено вино, свеќа, темјан, сад со вода за осветување. И многу важно е да има Икона од празникот или светителот што го славиме.

Имендените се одбележуваат, со носење на помало лебче, наречено Панагија (во спомен на Пресвета Богородица) во Црква, со подигање и благослов од страна на свештеникот и со пеење на молитвени песни кон Светителот што се слави.

Ако не се направи овој најважен и суштински дел, а се посвети целото внимание и време на ручекот со блиските, тогаш е напразно. На Бога и на светителот не му е угодно такво славење. Без молитва и без благослов. Тогаш, таквиот ден нема многу да се разликува од останатите денови.

Треба да знаеме дека, светителите коишто ги славиме како куќни слави или имендени, тие самите Бог Го прославиле во својот живот. Тие се светилници што го покажуваат патот кон Бога и вечниот живот. Светителите се неодвоив дел од животот на Црквата. Бесмислено е да славиме без да се отиде во Црква, или да се повика свештеник за осветување на колач и вода.

Ако славата е во ден кога се пости (среда или петок), или во повеќедневни пости, трпезата задолжително треба да се состои од посни јадења. За жал, во последно време сè поголем е бројот на оние семејства, кои, за да им угодат на гостите и за што подобро да ги „пречекаат“ и „нагостат“, го нарушуваат свештениот поредок на Црквата. Но, на таков начин, тие семејства во суштина не слават слава, туку слават гозби, со кои се исмејуваат и на Бога и на самиот светител.

Во нашите македонски заедници коишто опстојуваат на овој континент (Северна Америка), пред десетици години се внимавало да се ставаат македонски (кои се истовремено и христијански) имиња. Во поново време нашите деца добиваат имиња карактеристични и вообичаени за оваа средина, јазик и култура. Многумина сметаат дека овдешните американско-англиски имиња немаат врска со православието или со некој светител. Но, културата и на оваа западна цивилизација се засновува на Библиско-христијанските принципи, верувања и обичаи. Повеќето и од тукашните имиња имаат потекло од Христијанската вера и добро е и новите генерации што се раѓаат овде да се поучуваат на православните обичаи и традиции. Например името „John” е македонското „Јован“. Па така, треба да се почитува Св.Јован и да се слави како именден.

Отец Емил

Св. Атанасиј Александриски Брвеница

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Leave a Comment