Ковачевски: Граѓаните се најзаслужни за денешниот ден

 1,917 

Првиот чекор кон нашата европска иднина е направен, а нашиот тридецениски сон е на дофат. Денеска е денот кога почнуваме да пишуваме ново поглавје во македонската историја. Поглавје на забрзан развој, просперитет и стабилност, рече на прес-конференцијата премиерот Димитар Ковачевски по првата Меѓувладина конференција во Брисел.

Според премиерот, за реализација на оваа стратешка цел, донесени се тешки одлуки кои бараа лидерство и храброст, мудрост и одговорност.

-Граѓаните на Северна Македонија се најзаслужни за денешниот ден. Тие не се предадоа пред ниту еден предизвик, пред планини тешки отстапки и компромиси за да го исполнат својот сон за припадност во европското семејство. Ние решивме да се соочиме со сите наши стравови и да донесеме храбри одлуки за иднината, а не да останеме заложници на минатото, рече Ковачевски.

Премиерот појасни дека се донесени патриотски одлуки во интерес на иднината на нашите деца и државата.

-Не постои поголем патриотизам од јасната визија и план за иднината, залагањето за просперитетот на државата и сите граѓани. Ја донесовме и конечната одлука со која обезбедивме зачувување и зацврстување на македонскиот идентитет, македонскиот јазик, култура и посебност, потенцираше Ковачевски.

Премиерот е дециден дека Европската Унија нè прифаќа како Македонци кои говорат македонски јазик, со безусловно почитување на достоинството и посебноста на македонскиот народ и неговите идентитетски, историски и културни особености. Ова, како што рече, е обезбедено засекогаш. За овие нешта ниту се преговара ниту ќе се преговара.

-Уверен сум дека од овој процес граѓаните ќе излезат како побендици, дека сите ние заедно ќе излеземе посилни, постабилни и забрзано ќе чекориме напред кон заедничка поперспективна иднина. Уверен сум дека контиунираната помош која Европската Унија ќе ја обезбеди во наредниот период, ќе овозможи македонските граѓани и економија да добијат конкретна и реална поддршка, за европската реалност да ја живееме денес и на вистински начин, рече Ковачевски.

Нашите стремежи, потенцира премиерот, се европските вредности и принципи на слобода, демократија, еднаковст како и владеење на правото. Ние сме, како што рече, природно поврзани со Европската Унија, а од сега и заеднички ќе се развиваме и ќе го развиваме и регионот.

-Градиме пријателство. Посветени сме кон изнаоѓање заемно прифатливи решенија, затоа и сега гордо стоиме рамо до рамо со нашите партнери во Европската Унија. Делиме исти вредности, а од сега ќе делиме и европска иднина, иднина во која сите наши особености, специфики, традиција, култура, обичаи, ќе бидат автентично наши, македонски, споделени со сите наши пријатели во ЕУ. Тоа е она што и нас и ЕУ ќе не направи побогати, појасни Ковачевски.

Тој додаде дека Северна Македонија економски, политички и општествено ќе се развива, а граѓаните ќе имаат повисок квалитет на живот со високи стандарди и почитување на законите.

-Време е за обединување, за заедништво, за оптимизам, за верба во подобро утре. Но, пред се, за посветена работа, за да развиеме силна, успешна и просперитетна европска држава, и за ефикасно и брзо интегрирање во Унијата. Време е новото сонце на слободата да изгрее и да ни го осветли патот за храбро, посветено и бестрашно да погледнеме кон иднината, и брзо и одлучно да го оствариме нашиот сон. Време е за нови и заеднички победи, потенцираше Ковачевски.

Првото прашање по прес конференција беше од дописничката на МИА за последната негова посета на Брисел и нарекувањето на хистерични оние кои го критикуваа предлогот.

-Дали премиерот се уште верува, како при последната посета на Брисел кога луѓето кои на најдемократски и конструктивен начин го критикуваа францускиот предлог ги нарече хистерични, дали уште се сомнева во валидноста на нивните дипломи и дали можеби планира да ја смири реториката и нападите врз нив поради сомневањето и критиките за предлогот, што е фунадаментално демократско право?

Ковачевски одговори дека сите мислења се земени предвид.

-Како што беше изјавено тука, а и од евро комесарот одлуката беше донесена во Собранието, од претставниците, суверените претставници на народот во Северна Македонија. Го спроведовме процесот на најдемократски и најтранспарентен начин каде што сите засегнати страни во македонското општество беа вклучени. Од политички партии, академски претставници, претставници на маедиумите, невладини организации, експерти, така што сите дадоа свој и битен придонес со својата експертиза и ги објаснуваа сите аспекти на предлогот кој беше конечно одобрен од Собранието. Ова што е резултат денеска е труд на генерации политичари, експерти и познавачи и навистина им честитам на сите, рече Ковачевски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Leave a Comment