Манастир со црква посветена на св. Јован Претеча, сместен во еден прекрасен природен амбиент

За точното време на подигнување на црквата и основањето на манастирот не постојат прецизни податоци. Во некои извори се спомнува дека манастирот е изграден во 1010 година, односно пред познатата битка помеѓу македонскиот цар Самоил и грчкиот цар Василиј II, што се одиграла на Беласица во 1040 година и завршила со трагичното ослепување на самоиловите војници. Ослепената војска, по битката, се задржала во месноста на денешното село Слепче, кое, според овој историски настан, го добило и своето име.

Науката претпоставува дека манастирот постоел пред XIV век, потпирајќи го своето мислење врз податокот дека во 1393/34 година, во него е препишан еден триод на црковно-словенски јазик. Но, првпат конкретно манастирот се споменува во 1543 година, во едно писмо на протопопот Лука.

Во манастирот се развила препишувачка школа каде се препишувале богослужбени книги на црковно-словенски јазик. Јеромонахот Пахомије го препишал минејот за месец јуни во 1547 година, а истата година јеромонахот Висарион од дебарско вршел препис на “Поученијата на Кирил Јерусалимски” на македонско-словенски јазик. Препишувањето продолжило и во 1546, 1549 и 1553 година.

За историјата на манастирот постојат извори што кажуваат дека Косара, ќерката на цар Самоил, му подарила на манастирот имот во Елбасан-Албанија, а според едно предание, во 1881 година, во манастирските простории бил одржан демирхисарскиот конгрес на кој присуствувале делегати од цела Македонија. Манастирот бил прибежиште на многу македонски револуционери од времето на турското ропство и НОВ. За време на турското ропство, манастирот бил културно-просветен центар каде се подготвувале свештеници и учители на словено-македонски јазик. Историјата го памети манастирот и како центар во кој постоела уметничка резбарска школа, како и болница за нервно болни, што се чита од натписот на манастирската чешма.

За време на своето постоење, тој бил трипати пален: во 1675 год, од страна на Албанците кои ги земале сите негови драгоцености, оставајќи ги само кутијата со светите мошти и крстот; во 1954 изгореле трпезаријата и магерницата, а во 1972 година, изгорела десната страна на иконостасот.

Денешната манастирска црква е изградена во 1862 година, на местото каде претходно постоела старата голема и живописана црква.

Од повеќето сочувани стари уметнички предмети, со својата вредност се истакнуваат “Големиот крст со распнатиот Христос” (XVI век), “Царските двери” и певниците изработени во копаница. Посебно се интересни двете пронајдени врати, изработени во плитка резба со различни фигури и со мотивот плетенка, преставен на начин кој се сретнува во ракописи од XV-XVI век. На црквениот иконостас постои и голем “Чин”, што го изработил монахот Калиник во 1607 година. Од XVI-XVII век потекнува старата живописана трпезарија, како и двете влезни врати, западната живописана во 1637, а јужната во 1638 година.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Leave a Comment