Мајката Божја, сама пред вратите, чека некој да се сети на неа и на нејзиниот Син

Вечерта на Бадник, на еден човек при рака му дојде слика под која пишуваше „Осамена на Божик“. На сликата, со снег завеани куќички, секоја свети како ѕвездичка, се вее тенок чад од оџакот. Се чувствува радост, веселба и топлина. Празник е.

Сите се заедно, но, само една ситна, кревка Жена, со благороден лик, скромно облечена, е сама. Навалена на прагот го гледа патот од осветлените прозорци. Кутрата, во оваа блага ноќ, таа нема никој свој.

Човекот се загледа подобро и виде тенок ореол над главата на Осамената Жена. Очите му се исполнија со солзи.

Па тоа е Мајката Божја, сама пред вратите, чека некој да се сети на неа и на нејзиниот Син. Зафатени со овоземните добра, со трпезата и обичаите, луѓето не ни знаат што слават. Не се сеќаваат на Оној, заради Кого се собрале околу трпезата, каде за сé има место, освен за Него и Мајката Негова.

Оваа слика повлече рој од мисли. И пред две илјади години, кога на земјата дојде Богочовекот Христос, Творецот и Царот, за Него немаше место. А Пресветата Мајка, немаше каде глава да потслони.

„Го роди својот Син Первенец, Го пови и Го положи во јасли, оти за нив немаше место во гостилница“ (Лк. 2, 7).

Зар ништо не се промени во овие два милениума?

Подигнати се прекрасно украсени и осветлени храмови, каде пееме умилни Божикни песни. Ги накитивме домовите со бадникови гранчиња, елки и подароци, но, во единственото место каде што Он би сакал да влезе, за Него нема пристап.

Не Му дозволуваме да влезе во нашето срце. Тоа би значело да се откажеме од некои наши навики, да започнеме да се менуваме.

И така, секогаш Го изневеруваме, одложувајќи сé за другиот ден, другиот празник, а животот поминува но, далеку од Бога. За жал, на крајот така и завршува, зошто никој не знае колку време му преостанало.

Тогаш човекот започна да се моли:

„Ти, Кој се роди во Витлеем, за да нé оживееш и спасиш, направи го најголемото од сите чуда: обнови ги срцата наши! Преку патиштата кои Ти Единствен ги знаеш, врати нé кон Себе и избави нé од неверие. Направи да не Те изгониме од средината наша во оваа света Божикна ноќ, како и во останатите денови од нашиот живот, туку Ти, Господи, секогаш да владееш во срцата на Твоите неблагодарни деца, кои Те сакаат“.

Е. Посељанин

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Leave a Comment