Милевски: На лудоста на Путин мора да се стави крај

 76 

Претседателот на ЛДП Горан Милевски оствари средба преку видео врска со лидерката на Голос од Украина, пратеничката Кира Рудик, која утрото пред средбата учествуваше на воена обука. На средбата на која присуствуваа и пратениците на ЛДП Моника Зајкова и Боби Мојсовски, Милевски и изрази поддршка на Украина, како и апелира Европа да направи се за да го спречи Путин во воените дејствија и да се заштитат цивилите од бомбардирања.

– На лудоста на Путин мора да се стави крај. Да му се дадат 48 часа да се повлече од Чернобил, бидејќи состојбата станува критична. Веќе 15ти ден украинскиот народ страда. Киев не смее да стане нов Алепо (н.з. Сирија). Путин продолжува да лаже – во Украина се бомбардираат луѓе, деца умираат, а цивилите топат снег за да имаат вода во Мариупол. Руските окупациски трупи се пред самите градови и ни треба поддршка за воздушна одбрана. Имаме медицинска опрема и воена опрема но не ни е заштитено небото, затоа ни недостасуваат воени авиони и противвоздушна одбрана, изјави Рудик од украинските либерали.

Таа преку молба апелира до целиот свет, особено НАТО, да испрати воздушна заштита, истакнувајќи ја сериозноста на состојбата со нуклеарната централа во Чернобил.

– Се може да се случи, но доколку има нуклеарна експлозија сите ќе бидеме беспомошни, појаснува Рудик и вели дека украинската армија е подготвена и мотивирана од меѓународната поддршка, дека пристигнала помош и од 16.000 доброволци. Тие знаат дека голем дел од рускиот народ ја осудува оваа војна, додава Рудик.

Во името на сите членови на ЛДП и на македонските граѓани, Милевски изрази сочувство за изгубените животи и за повредените во безумните воени операции раководени од Кремљ во Украина, кои со ништо не може да бидат оправдани. Милевски потсети дека ЛДП целосно застанала во одбрана на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, а за таа цел на иницијатива на ЛДП е изгласана декларација во Собранието со која се осудува руската агресија.

– Потребно е итно прекинување на сите воени дејствија и безусловно повлекување на руските воени сили на територијата на Руската Федерација. Восхитени сме од борбеноста и одлучноста на Украинците во одбрана на нивната татковина. Учествувавме и на протестите организирани од Украинските здруженија во Скопје и заедно со колегите од регионот, од Европа и целиот демократски свет, ќе продолжиме со конкретни активности да влијаеме за запре инвазијата врз Украина. Проблемите се решаваат со дијалог а не со војна, истакна лидерот Милевски.

И пратеничката Зајкова вели дека е во постојана комуникација со граѓани од Украина. Изразувајќи ужаснатост за страдањата на цивилното население во Украина, таа укажа на големата руска пропаганда на која се изложени македонците, особено преку медиуми на српски јазик, при што се нема точна слика за случувањата во Украина и за потребата од помош на украинското население.

ЛДП и Голос се полноправни членки на АЛДЕ, во која неодамна е примена по итна постапка и партијата „Слуга на народот” на украинскиот претседател Зеленски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Leave a Comment