Мажот од Чешиново-Облешево, кој почина од западнонилска треска во Македонија, до Инситутот за јавно здравје (ИЈЗ) дал податок дека претходно немал патувано во друга држава.
Директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска, објави дека 78-годишниот, кој почина на 16 септември, чувствувал вознемиреност, губиток на свеста, температура и малаксаност.
Првите симптоми кај пациентот се појавиле на 9 септември. Следниот ден бил пренесен во Клиничката болница во Штип, каде што, по дијагнозата, уште истиот ден бил препратен на Инфективната клиника во Скопје.
Покрај него, регистрирани се уште три случаи на западнонилската треска во земјата од вкупно 30 тестирања.
„Првиот случај е тестиран во април и човекот е од Струмица, импортиран од Кенија. Вториот е човек од Кочани, импортиран од Тунис, во јули тестиран во ИЈЗ. Третиот случај е тестиран во август. Човекот е од Тетово и не изјавува дека имал патување“, рече Андоновска.
Објасни дека западнонилската треска кај 80 отсто од случаите не покажува симптоми, 20 отсто се со благи симптоми на грип, а кај помалку од 1 отсто може да биде зафатен централниот нервен систем.
ИЈЗ во моментот поседува тетсови за детектирање западнонилска треска.