2,319
Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во мај 2022 година, во однос на мај 2021 година, изнесува 109.4. Индексот на трошоците за живот во мај 2022 година, во однос на истиот месец од претходната година, бележи зголемување од 11.9 %, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 12.1 %, што значи дека реалната плата е намалена во однос на месец мај, 2021 година.
Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во мај 2022 година е пониска во споредба со претходниот месец, изнесува 31 407 денари. Намалувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен е забележано во следниве сектори: дејности на здравствена и социјална заштита (10.8 %), трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли (2.1 %) и административни и помошни услужни дејности (1.4 %).
Вредноста на минималната потрошувачка кошница за мај, 2022 година изнесува 38.791 денари, што значи дека е повисока за 23,5% од просечната плата. Во оваа кошница не се вклучени трошоците за рекреација, образование, хотели и ресторани, семејни прослави, не затоа што не се потребни, туку затоа што во кошницата се пресметуваат само неопходните трошоци.
Реалната вредност на просечната плата е далеку пониска. Инфлацијата во месец мај изнесува 12% со тенденција забрзано да расте. Во јуни изнесува 14,5% и оваа двоцифрена инфлација веќе е галопирачка. Ако земеме предвид дека поголемиот број на исплатени плати се под просечната, тогаш се поставува прашањето како граѓаните ќе ги подмират основните потреби за егзистенција. Државата не презема ништо, иако има механизми за да интервенира во намалување на данокот на основните производи, во акцизите, да ја намали сивата економија и да воведе прогресивен данок.