(Поучно)
Некогаш одамна, уште додека фараоните со своите бојни коли сееле страв на земјината топка, Аврам ги водел своите стада по брдовитите пасишта на истокот .
Tака една вечер, откако ги подигнал своите шатори, спремајќи се за почивка, наишол некој питач. Аврам, како што му доликува на Божји човек, веднаш го поканил питачот на вечера.
Но, штом го донеле јадењето и откако ја измолиле благодарствената молитва, питачот почнал да го пцуе Бога .
„Не го поднесувам Божјото име“, рекол питачот.“ „Го мразам!“
Аврам веднаш пламнал со жесток гнев и го истерал богохулникот надвор.
Питачот отишол со пцости и проколнувања. Се растрчале слугите, се вознемириле овците. Настанало викање и кавга.
Доцна во ноќта, откако мешаницата завршила и сè пак било на свое место, Аврам, уморен и силно повреден, се повлекол на спиење.
Не можејќи да заспие заради навредата која е нанесена на Бог, станал, ги раширил рацете и започнал молитва. Тогаш го чул гласот Господов:
„Чедо Авраме, педесет години тој човек ме пцуе и нагрдува, а јас секој ден му давам храна, и го чекам самиот да разбере дека греши за да може да се покае.
Не можеше ли ти да го истрпиш во тек на еден оброк?”
Браќа и сестри, не дека Аврам не бил во право со неговата реакција за навредата која била нанесена кон Бога, сепак Вечниот Бог сакал да му укаже колкава е Неговата милост и добрина кон луѓето. Замислете колку е преголема и неограничена љубовта на Бога кон човекот. Иако многу често свесно грешиме, сепак Бог со Неговата преголема Милост кон нас луѓето, ни опростува и го чека моментот кога ќе се покаеме за гревовите.