Битола во минатото
Името на реката Курдерес доаѓа од турските зборови (kurt-deresi), што во превод значи „волчји поток“. Извирала од планината Баба и била спој од Брусничката, Лавчанската река и неколку помали потоци.На постарите фотографии од Битола, може да се види дека во одредени периоди од годината, реката била полна со вода, особено во нејзиниот долен дел, пред да се влее во реката Драгор.Реката Курдерес имала важна улога во заштитата на градот од поплави, кои биле честа појава во минатото. За време на Големата експлозија во 1922 година, може да се каже дека на некој начин реката Курдерес и го спасила градот
Утрото во 10 часот на 18 април 1922 година на третиот ден Велигден, силна експлозија ги стресе битолчани. Градот го зафати паника затоа што се случи она од кое многумина стравуваа и предупредуваа. Опасноста доаѓала од големата количина на муниција која била складирана на отворен простор во близина на Железничката станица, пред Црвената и Белата касарна (денес Градски парк). Експлозиите кои следувале, биле уште пострашни и го натерале населението во бегство кон селата северно од градот. Во текот на денот почнал да дува и ветер кој помагал во ширењето на пожарот кој траел скоро една седмица, а вистинска опасност претставувале гранатите од голем калибар и оние со задушливи гасови, кои за среќа првично не биле зафатени од експлозијата. Покасно благодарение на пожртвовноста и досетливоста на поединци, пожарот бил изгаснат, а градот и жителите кои останале, биле спасени.
Познато е дека Битола за време на Првата светска војна се наоѓала на самата фронтова линија на Македонскиот фронт, каде од двете страни биле стационирани околу милион и двеста илјади војници и огромни количини воен материјал. По војната, воениот материјал од Битола и околината бил собиран на едно место, во самиот град, веднаш до железничката станица. Бил класифициран на лесна пешадиска и артилериска муниција складирани во просторот во и околу Касарните (денешна Спортска сала) и тешка муниција и други експлозиви (веројатно и гасни бомби) складирани во близина на Офицерски дом. Во близина имало и магацин за брашно и путер [1].
Нема информации која била крајната дестинација и што се планирало со сета таа муниција, но според дел од весниците во тоа време, никој не може да ја објасни неажурноста на властите, и зошто и покрај предупредувањата, и несреќите кои се случувале претходно, воениот материјал се чувал толку долго на тоа место. Дел од весниците пишуваат за коруптивни зделки и за тоа како по заминувањето на Француската војска, генералите на новата држава СХС откупиле огромна количина на стара муниција, која еве едноставно стоела во Битола, а во меѓувреме се правеле други набавки [2]. Оваа огромна количина на муниција, која според тогашните проценки била околу 400 вагони и претставувала вистинска закана за градот, кој тукушто почнал да се опоравува од Првата светска војна.
Првата експлозија се случила утрото во 10 часот, по што дожд од камења и метал се истурил врз градот. Сите претпоставиле од каде доаѓа експлозијата, затоа што слични инциденти но со помал интензитет се случувале и претходно. Но оваа експлозија била значително појака и само трезвеноста на битолчани и искуството кое го стекнале за време на бомбардирањето во ПСВ, помогнале да се намалат штетите. Брзо биле отворани прозорците и вратите во домовите, затоа што во вакви случаи особено опасен е воздушниот притисок кој се создава од експлозиите и распрскувањето на стаклата на прозорите кои стануваат секундарни проектили. Според весникот Време (21.04.1922) прозорите на сите куќи биле искршени, а на оние близу до експлозијата биле искршени и вратите. На поштенската зграда која била оддалечена 2 км од експлозијата, биле искршени сите прозорци и врати [3].
Дел од населението веднаш се дал во бегство, а дел прво се скрил во подрумите, но по експлозиите кои следувале и биле значително појаки, дел се упатиле кон селата северно од Битола. Според весникот Политика (21.04.1922), меѓу првите кои побегнале биле и претседателот на Општината, Драгиќ Пауновиќ, општинскиот крем, неколкуте нижи и виши офицери, кои весникот ги нарекува „бабини јунаци”, кои „побегнаа веднаш штом се случи експлозијата и до овој час се немаат вратено во градот”[4].
Имено, по експлозијата започнал страшен пожар кој ги зафатил касарните и околните објекти и поради јакиот ветер пожарот се заканувал да се прошири кон гранатите од голем калибар и другите „експлозивни материјали“ сместени во делот кај Офицерски. Според дописникот од весникот Време на 20 април пожарот веќе беснеел околу 40 часа и доближил на само 20 метри од местото каде се чувале германските гранати од голем калибар. Според Командантот на Битолската Дивизија „Доколку пожарот го опфател делот со тешката муниција, цела Битола имало да лета во воздух“[3].
Војската, полицијата и дел од локалното население очајно се обидувале да го стават под контрола пожарот, а според весникот Политика (26.04.1922) „колосалната идеја која ја спасила Битола“ дошла од општинскиот службеник Хасан Риза, кој предложил да се поплави местото на експлозијата, со помош на водата од реката Курдерес и сите потоци кои можеле да се пренасочат кон Касарните [5]. Среќна околност била таа што Курдерес во овој период бил полн со вода, па така предлогот бил прифатен и веднаш се започнало со рушење на преградите на реката и делот кај Касарните бил поплавен, главниот пожар изгаснат и градот спасен.