2 декември/19 ноември (по стар стил)
Родум од Антиохија. Заради верата во Господа Исуса Христа беше измачуван многу од нечестив судија. Најпосле судијата намисли да го исмее и под принуда на околности да го натера да принесе идолски жртви, заради што го одведе во идолскиот храм и му стави оган на дланката и темјан на огнот мислејќи дека маченикот ќе мора од болка да го фрли огнот со темјанот од раката пред идолите и така, не сакајќи, ќе ги покади. Но, херојскиот Христов војник го држеше огнот на својата дланка и не помисли да го фрли на идолите, сѐ додека прстите не му изгореа и отпаднаа и дланката не му изгоре. И така, на земјата со огнот паднаа и прстите на маченикот. „Десница имаше посилна од огнот,“ вели светиот Василиј Велики, „Зашто ако пламенот и ја зафати раката, таа го држеше огнот како да е пепел“. А свети Јован Златоуст пишува: „Ангелите гледаа од височините, го набљудуваа Архангелите, глетката беше величествена, навистина ја надминуваше човечката природа. Кој не би посакал да види човек којшто се подвизувал и не го чувствувал она што им е својствено на луѓето, којшто и самиот бил жртвеник и жртва и жрец?“ Кога му изгоре раката, целото тело на старецот Варлам се сруши мртво на земјата, а душата му замина во вечниот спокој на неговиот Господ и Спасител. Овој преславен старец-јунак пострада во 304 година.