СВЕТИТЕЛ НА ДЕНОТ:Житие: Светиот пророк Елисеј

 4,603 

Живееше 900 години пред Христа. Кога Господ сакаше да го земе кај Себе престарениот Пророк Илија, му откри дека за наследник во пророчката служба му го одредил Елисеј, синот Сафатов, од племето Рувимово, од градот Авелмаул. Илија му ја кажа на Елисеј волјата Господова и го загрна со својата наметка и испроси од Бога двојна благодат за него. Елисеј веднаш си го остави домот и тргна по Илија. А кога Господ го зеде Илија на огнени кочии, Елисеј остана и ја продолжи пророчката служба со поголема сила и од онаа на Илија. Според чистотата и ревноста им беше рамен на најголемите Пророци, а според чудотворната сила што му ја даде Бог, ги надмина сите. Ја раздвои водата на Јордан како некогаш Мојсеј Црвеното Море; горчливата вода во Ерихон ја направи питка; низведе вода во ископаните ровови за време на војната со Моавците; умножи масло во лонците на бедната вдовица, го воскресна умрениот син на жената Сонамка, со дваесет лепчиња нахрани сто луѓе, го исцели од лепра војводата Нееман, низведе лепра на својот слуга Гиезиј заради неговото среброљубие, ослепи цела една војска сириска, а друга пак ја втурна во бегство, му претскажа многу настани на народот и на поединци. Се престави во длабока старост.

Тропар
Мудроста подарена одозгора, те направи пророк и пријател Господов, о Елисее, свети Божји угодниче. Не побара ни здравје, ни богатство, ни денови на животот изобилно, туку поита на Љубовта да послужиш, народ во стадо со збор да вратиш, со чудеса вера да поткрепиш, моли се за нас, предвеснику на Жртвата Жива Спасителна, да се собереме во едно стадо, со Еден Пастир, во вечни векови.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Leave a Comment