Свети Григориј Богослов, архиепископ Цариградски

Житие: Свети Григориј Богослов, архиепископ Цариградски

Роден во Назијанз од татко Елин и мајка христијанка. Пред да се крсти учеше во Атина заедно со Св. Василиј Велики и со Јулијан Отстапник. Често му пророкуваше на Јулијан дека ќе биде отстапник од верата и гонител на Црквата, како што и стана. Врз Григориј особено влијаеше неговата мајка Нона.

 Кога го заврши школувањето го прими Светото Крштение. Свети Василиј го ракоположи за епископ Сасимски, а царот Теодосиј Велики наскоро го повика на испразнетиот престол на Цариградскиот архиепископ. Состави многубројни дела од кои најславни му се теолошките, заради што е и наречен Богослов. Особено значајно е неговото дело „Беседа за Света Троица“. Пишуваше против еретикот Македониј, којшто учеше искривено за Светиот Дух (како Духот да е Божјо создание) и против Аполинариј, којшто учеше искривено за Христос дека немал човечка душа, туку дека Неговото Божество му било наместо душа. Пишуваше и против царот Јулијан Отстапник, неговиот некогашен школски другар. Во 381 година, кога во Соборот настана расправија околу неговиот избор за архиепископ, тој се повлече самиот, откако рече: „Не можат да н ? лишат од Бога оние што н ? лишуваат од престолот“. Потоа го напушти Цариград, отиде во Назијанз и таму до смртта поживеа во повлеченост, во молитва и во пишување корисни книги. Иако беше со слабо здравје цел живот, сепак доживеа осумдесет години. Моштите подоцна му ги пренесоа во Рим, а главата му се наоѓа во Успенскиот Собор во Москва. Беше и остана прекрасно светило на Православната Црква, како по кротоста и чистотата на карактерот така и по ненадминливо длабокиот ум. Се упокои во Господ во 390 година.

Тропар
Пастирскиот кавал на твоето богословие, ги победи трубите на реторите; а кога бездната на Духот ја испита, и убавината на говорот ти се даде изобилно. Но, моли Го Христа Бога, оче Григорие, да се спасат душите наши.

Кондак
Славен (Григорие), кој со својот богословски јазик ги разурна творбите на реторите, ти ја украси Црквата со облеката на Православието, исткаена одозгора. Неа носејќи ја, таа вика со нас – твоите чеда: Радувај се, оче, прекрасен уму на богословието.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Leave a Comment