На самиот влез брегалничко – абланечката клисура, каде што Брегалница започнува на навлегува во беровско поле се наоѓа манастирот “Свети Архангел Михаил”, кој што е изграден во 1818 година. Изграден е меѓу две стари цркви, меѓу “Свети Ѓорѓи” од десната страна на околу стотина метри, на чие што место денес постои оброчиште и “Света Богорогица” од левата страна, на влезот во брегалничката клисура, на местото каде во 18 век се наоѓало Берово. Начинот на кој што е изграден манастирот е врзан со легендата: во тоа време во Берово немало црква, заради тоа беровци на чело со поп Пецо, побарале од месната турска власт да изградат црква. Кога делегација на чело сос поп Пецо отишла кај буљукбашлијата, тој се согласил но им поставил три услови.
Првиот бил црквата да се изгради за четириесет дена, вториот покривот да не и биде повисок од патот кон изворот на Брегалница, а третиот услов бил поп Пецо да ја даде својата најубава и најмала керка за буљукбашлијата. Кога беровчани ги слуснале условите за првите два веднаш се согласиле, а поп Пецо им кажал и дека неговата керка се согласува, па така тие веднаш почнале да ја градат црквата. Таа била готова за четириесет дена, а ја изградиле пониско од патот за да не се гледа. На четириесеттиот ден стигнал карванот со војска испратен од валијата да ја земе најмалата попова ќерка. И навистина таа тргнала со нив накај Солун.
Но, намерата на девојката не била да стигне кај валијата, па затоа кога карванот дошол до Дојранското езеро, девојката скокнала од коњот и се фрлила во водата. Војската, мислејќи дека девојката се удавила, побрзала да стигне кај валијата и да му каже што се случило. Но, поповата ќерка не била мртва. Ја нашол некој овчар што го пасел стадото во близина на Езерото и заедно со него ја одвел во слободна Србија. Во склоп на црквата има и женски манастир. Темелите на првиот женски манастир во Берово се подигнати дваесет години по изработката на манастирската црква (околу 1840 год.). Во својот најголем подем манастирот броел и до шеесет монахињи (калуѓерки) со развиена богата економија, богословско училиште, ткајачница. Од јужната, западната и северната страна на црквата се сместени конаците во кои живеат монахињите. Тие се изградени во чиста малешевска стара архитектура на приземје, со вкупно 16 соби и површина од 560 метри квадратни. Во јужниот дел на конаците се сместени две спомен соби, едната на Атанас Раздолов, а другата на Никола Петров Русински, а во другиот дел од јужните конаци е сместен музејот посветен на разловечкото и Кресненското востание.
Црквата со голем трем, изградена во архитектурен опус од XIX век, доминира во манастирскиот двор. Во нејзината внатрешност ликовите на светителите се насликани во карактеристичен стил што отстапува од византиските канони. Од првобитниот иконостас сочувана е само една икона со претставата на Светиот пророк Ное, дело на иконописецот Георги Велјанов од Струмица, изработена во 1818 година. Конакот е разигран. На иконостасот што го дели олтарот од средниот дел се вградени 10 таканаречени царски икони со врвен уметнички дострел. Привлекува со топлината на присуството на дрвото, обликувано во староградски стил од XIX век. Во манастирската библиотека се чуваат голем број на книги и текстови од XIX и XX век, а во внатрешноста на црквата има 72 икони од XIX.
Со активностите на манастирот се тесно поврзани и Разловечкото (1876) и Кресненското востание (1878). Денес во него е сместен Музејот каде се изложени фотогафии, документи, географски карти и старо оружје од историското минато на Малешевијата и Македонија. Сестринството во овој манастир изработува икони во византиски стил, за иконостаси, или по нарачка. Манастирот е пристапен и отворен за духовните потреби на секој добронамерен посетител. Самиот влез низ големата дрвена порта го внесува посетителот во еден поинаков свет, Светот на молитвата.