Душа и ум – тоа сме ние, доколку сме создадени по образ на Создателот; телото и преку него пројавуваните чувства – тоа е наше; околу нас пак – имоти, искуства и разни други потреби за животот. Што сакам да кажам со ова?
Не се концентрирај врз телото; не трчај со сета сила по телесните богатства, како на пример, здравје, убавина, наслада, задоволство и долговечност; не го почитувај за големо тоа што служи за времениот живот. Во грижите над него не биди небрежен за поценетото во твојот живот: спознај се себеси, т.е. својата душа! За неа грижи се; неа украсувај ја, та со својата будност да спречиш секаква нечистота на порокот; да ја очистиш од секаков срам и грев; да ја просветиш и украсиш со секаква красота на добродетелите. Иследувај се сам себеси – кој си ти? Спознај ја својата природа – спознај дека телото ти е смртно, а душата ти е бесмртна, дека нашиот живот е двоен – дека едното припаѓа на телото и е преодно, а другото е сродно на Духот и не знае за граници. Постојаното надгледување над себеси, ќе ти даде и достатно раководство за познание и на Бога, зашто, ако се спознаеш себеси, нема да имаш потреба да ги бараш трагите на Творецот во устројството на вселената, но ќе ги најдеш во самиот себеси, како во некоја мала вселена и ќе ја видиш големата премудрост на Создателот. Свети Василиј Велики Извор: МПЦ