Свети Ѓорѓи Победоносец претставува црква во тетовското село Туденце. Црквата се наоѓа на месноста Бучало и потекнува од 6 век. Таа е најстарата троконхална црква во Македонија и е возобновена на патрониот празник Ѓурѓовден на мај 2012 година.
Старите темели на црквата се откриени во февруари 2004 година. Ден пред тоа на сега покојниот Тихомир Крстевски на сон му се јавил светецот Ѓорѓи Победоносец, кој му рекол „сите ме газите, а никому не текнува да ме открие. Да појдеш, да ме откопаш и да ме осветиш“, му рекол на сонот светецот, посочувајќи му точно на кое место се наоѓа храмот. Тихомир почнал да копа и на длабочина од половина метар ги пронашол ѕидовите на некогашниот храм во пределот на олтарот. Подоцна нему му се придружиле и други жители на Туденце и под надзор на Музејот на тетовскиот крај, по речиси еден месец работа, наоѓалиштето било расчистено. Според професорот Виктор Лилчиќ, црквата потекнува од втората половина на 6 век.
Црквата има два влеза, големиот кој е и главен на западната страна и малиот на јужниот дел. На северната страна од објектот е пронајдена крштилница, а откриена е и мермерна пластика во олтарот. Црквата е изградена на старите темели врз основа на проект изработен од Благоја Стојковски, виш конзерватор во Националниот конзерваторски центар. Има површина од 130 квадратни метри.
Деновиве поради невремето од силен ветар и обилни врнежи од дожд, патот од и до ова светилиште е оштетен и непрооден за моторни возила. Црковниот одбор вчера преку социјалните мрежи, за денес во 18 часот повика за помош од секој оној кој сака, да помогне во расчистувањето , работна народна акција!
-Повик за акција за расчистување на патот до манастирот Свети Георгиј во Туденце по оштетувањето во невремето
По невремето во неделата се оштети патот што води до манастирот Свети Великомаченик Георгиј Победоносец во Туденце, па црковниот одбор со повик да се работи на расчистување на делницата.
„Ве повикуваме да помогнете во расчистување на патот до манастирот, која акција ќе се одржи утре, 26.06.2024 година, со почеток во 18:00 часот. Зборно место: м.в.Бунар – ширината пред искачување за манастирот (кај дрвениот патоказ)“, порачаа од одборот преку социјалната мрежа Фејсбук.
С. Анеска