Старата битолска чаршија, беше душата на градот, место каде се се создаваше и се се продаваше. Ударот на чеканите, звукот на машините, сјајот на срмата и сребрените нишки кои блескаат низ излозите. Денес, железните кепенци кои сеуште постојат, не ги кријат занаетчиските дуќани, туку некои нови, современи продавници. На времето му пркосат само уште неколкумина стари звончари, шапкари, ковачи, метлари, свеќари, локумџии и леблебиџии.
Црквата Св. Димитрија, која однадвор има едноставна камена градба,Изградена е во 1830 година, а и покрај сите желби да биде висока велелепна градба, турските закони не го дозволувале тоа. Затоа вкопувањето во земја бил најдобриот начин да се постигне саканата цел, а да не се прекрши законот. Била изградена за само четири месеци, со доброволни прилози на битолчани. Иако однадвор едноставен, богатството на овој храм ќе се распостеле кога ќе зачекорите во неговата внатрешност
Саат кулата е најрепрезентативниот споменик кој се идентификува со Битола. Висока 33 метри, доминира во просторот и низ него ја разлева музиката што ги отчукува часовите. Ико не е пронајдена документација за оваа градба, се знае дека Саат кулата е изградена во периодот на турското владеење, а неодминлива е приказната дека за врзување на градежниот материјал, биле употребени 60.000 јајца, собрани од домаќинствата во Битола и битолско.