102
Такси компаниите пред колапс. Нелојалната конкуренција и енормниот раст на цените на нафтените деривати го уништи бизнисот, велат од Асоцијацата на такси превозници од Македонија. Изминативе два месеци прометот е опаднат за 50 %, а 20 компании ставиле клуч на врата.
-Знаеме дека е голема сиромаштија, граѓаните барем до болница мора да одат, а ние сакале, несакале, цената мора да ја качиме- изјави Зоран Томовски, потпретседател на Асоцијација на такси компании во Македонија.
Трошоците им се зголемени за 45%, а добавувачите на гориво и резервни делови бараат авансно плаќање.
-Веќе почнавме да се јавуваме кај нашите коминтенти, пациенти, патници, ученици, доколку сакаат да се возат мора да платат предвреме, значи прво пари, па после услуга, што за жал, е тешко и за нив и за нас- изјави Глигор Арсов, сопственик на такси компанија Штип.
Бараат од Владата да ги намали акцизите и даноците и постојана ажурност на инспекторите на терен.
-Инспекторите излегуваат и ги запираат само тие што имаат лиценца, а дивите таксисти само ги поздравуваат- додаде Томовски.
Од локалните самоуправи ќе побараат да им дозволат покачување на цената на услугата за 30%, иако се свесни дека куповната моќ на граѓаните е сведена на минимум.