Во југозападниот регион од земјава во градовите Охрид и Битола парето се врти за Василица.
Најчесто во Битола на овој ден го вртат мазникот и веруваат дека на тој што ќе му падне парето ќе го следи среќа цела година
Оваа традиција се негува со децении. За разлика од другите градови како Скопје Куманови и источна Македонија, каде што паричка во леб се крши за Бадник.
На Василица во овој регион сите вртат паричка. Едно дома меѓу најблиските во семејството, друго во друштвото со најблиските роднини и пријатели, трето на работното место….
Никој не го испушта овој адет. Вртењето на паричка е од дамнешно време поврзано со празникот Василица.
Мазник со паричка се врти во сите православни куќи. Најчесто во Битола на овој ден го вртат мазникот и веруваат дека на тој што ќе му падне парето ќе го следи среќа цела година. Во Охрид постарите семејства тоа го прават во „топеница“ , некои во колбурек, питулици или комат во некои од овие специјалитете се врти парето.
Верувањето произлегува уште од IV век во градот Кесарија во Мала Азија. За тоа зошто се става паричката за Василица стои историја за Божјиот угодник свети Василиј Велики кој бил стана Архиепископ Кесариски. Додека епархот на Кападокија, кој бил многу алчен и груб човек, имал обичај редовно да оди со својата војска и да го ограбува градот. Кога на свети Василиј му јавија дека епархот повторно дошол, тој побарал од богатите луѓе во Кесарија да го однесат сиот свој накит и златници. Кога епархот пристигнал, свети Василиј го пречекал и му го понудил богатството. Епархот се изненадил и по некое чудо се засрамил, така што одбил било што да земе, ниту пак го ограбил градот. Тој никогаш повеќе не се вратил, ниту пак им здодевал на верниците од градот. Свети Василиј останал со сиот накит и златници токму на Новогодишната вечер, не знаејќи што на кого му припаѓа. Тогаш просветлен од Господ, ги замолил готвачите да направат мали лебови за секој верник. Во секој од лебовите тој ставил накит и златници. На денот на Новата Година, кога сите луѓе ошле во црквата, тој на секого им дал по едно лепче. Тоа што секој го имал најдено во лепчето било токму тоа што претходно го имал дадено. За спомен на овој настан до ден денес се практикува на денот на Свети Василиј Велики, односно на Новата Година (по стариот календар) да се меси лепче со паричка во него.
Инаку, во овој регион за Православна нова година се палат и Василичарски огнови. Голем дел ид граѓаните слават покрај маалскиот оган со домашни колбаси и вино.
Токму на овој ден традиционално низ Битола се и бабарите и нивните настапи.
Тие се изведуваат вечерта спроти Василица или на самиот ден на Василица,се облекуваат во козји кожувчиња со крзнениот дел на лице. Тие се запашани со јажиња од кои висат ѕвонци, на главата носат шубари со сушена црвена пиперка на врвот. Како маска за лице употребуваат едно парче бела или црна ткаенина со отвори за очите и устата а како брада кикершката на петелот. Ако не носат маски тие си го премачкуваат лицето со чад од ламба или со црнила од оџак. И двајцата бабари носат стапови од бука со големина на палици за голф, а на едниот крај стаповите се свиткани во глуждови слични на тупаници што потсетуваат на фалусите што ги носеле античките баханати.
Облекувањето и шминкањето се врши во најголема тајност, па така при појавувањето на улица тие можат да предизвикаат силен драмски впечаток и да создадат ненадеен театарски ефект.
Додека се движат низ улиците бабарите се препуштаат на лудории доследно на своите улоги. Берберот, на пример, кој носи дрвена сабја место брич, го остри таквиот брич од ѕидовите на куќите. Судијата кој има кошница како глава, место со тутун, го полни своето долго луле со слама или со сено. Невестата мошне срамлива, но досетлива во флертување, се обидува да им избега на ловџиите што ја набљудуваат за да може да побегне со љубовникот што е некој од присутните гледачи.
Со песна, со ѕвонење на ѕвонци и со гласно тропање на врата играчите го најавуваат своето доаѓање во куќата. Обичајот налага вратата да им се отвори само по едно разбирливо инсистирање. Кога најпосле таа ширум ќе се отвори, тие влегуваат групно со врева и игра а домаќините ги даруваат
С.А