Светата православна Црква саботата ја одредила како ден за спомнување на покојните, но утрешната сабота е определена како општ ден за спомнување.
Православното христијанско учење за спомнување на мртвите се засновува на верата за бесмртноста на душата и воскресенито на телото. Умрените според зборовите Христови не умираат во вистинска смисла на зборот, туку со смртта преминуваат од овоземниот во вечниот живот.
Преку смртта ние не умираме, не престануваме да постоиме, туку преминуваме од еден во друг живот. Безграничната љубов на нашиот небесен Отец определила да нашиот земен живот биде само подготовка за вечниот живот. Но сите членови на Црквата не умираат со покајание и потребна подготовка за вечен живот и се упокојуваат со многу гревови, зашто е речено, нема човек кој живеел, а да не згрешил.
Но сепак, христијанската љубов која ни овозможува да се молиме за живите не повикува да се молиме и за умрените.
Љубовта не престанува никогаш, таа не следи и по смртта во другиот свет, што значи со поголема грижа на нас живите, блиски на умрените овде на земјата, можеме да се молиме за простување на гревовите на умрените.
Неизмерната Божја милост не ја сака смртта на грешникот, туку тој да го согледа својот грешен пат, па да се врати и да биде жив, та и затоа ни овозможува средства за ваква грижа. Тоа укажува дека молејќи се на Бога за нив и правејќи добри дела во нивно име го зголемуваме бројот на оние кои ќе воскреснат за вечен живот.
Од претходно изложеното произлегува и прашањето: Како треба да се спомнуваат умрените?
Христијаните се должни, за таа прилика, да подготват варена пченица, чие зрно симболично означува дека умрените ќе воскреснат.
“Тоа што го сееш ти нема да оживее ако не умре” (Кор.15,36).
Уште е потребно вино и леб, кои го претставуваат Христос кој се принел за спасение на луѓето и уништување на смртта.
Тоа се основните елементи кои се потребни за правење помен на покојните.
За овие спомени Светата Црква пропишала и молитви кои се читат при самиот помен. Сите чинодејства, па така и помените се вршат со запалени свеќи кои укажуваат на светлоста на вечниот блажен живот.
Друго што би било особено полезно е правењето на милостиња во име на починатиот. Тоа своевремено се правело со тоа што се собирале ближните на еден заеднички ручек на кој се нахранувале и сиромашни и бездомници како и сите оние кои имале потреба од помош, а тие си споменувале за покојниот и се помолувале за него.
Храната што се оставала на гробовите била наменета за оние кои ќе поминат ако се гладни да се послужат и да си споменат за покојникот, а не со верување дека тој ќе стане да јаде. Во тоа се состоела смислата на задушницата и помените.
А каде сме отишле денес со смислата? Во расфрлањето со храна и пијалоци од кои никој нема толкава потреба туку само ќе ги натрупаме во кесите во кои ќе се измешаат вкусовите и потоа се ќе фрлиме.
Една молба за крај. Размислете, наместо непотребно да трошиме на храна која ќе ја раздаваме на гробовите, а од која никој нема толку голема потреба тие средства да ги собереме и да ги подариме на пример на некој дом за деца без родители, во некоја народна кујна т.е. онаму каде што реално има потреба од таа милостиња. Зашто само така ќе ја постигнеме суштината нејзина и само така покојникот ќе има вистинска полза од неа. Исто така, поважна е молитвата и поменот за покојникот отколку пренатрупаните “софри” на гробовите.
Православната Црква верува во Воскресението Христово како темел на нашата вера во Светотроичниот Бог, а преку Христовото Воскресение веруваме во воскресение на секој човек (налик на Христовото) кој се родил и живеел во светот од почетокот на човечкиот род до денес, од Адам се до последниот човек на земјата што ќе се роди од жена. Ова воскресение веруваме дека ќе се случи со есхатолошкото исполнување на историјата, на крајот на светот каков што го познаваме, а кој веруваме дека ќе биде пеобразен во вечност како и се’ во него при Второто Христово доаѓање, кога Христос ќе ги воскресне сите и праведно ќе му суди на секого од нас како личности.
Вечен им спомен на сите починати.