Во Маврово старата црква „Св. Никола“, е изградена од страна на рекански мајстори во 1850 година. Црквата е потопена под Мавровско Езеро во 1953 година, а секое лето поради варијабилниот водостој на езерото, црквата е на суво. Овде црквата гние и пропаѓа во водата, а илјадници луѓе минуваат покрај потопената црква и зиме и лете. Сметам дека никому не му е грижа за неа. Тоа ти е како нешто живо да е закопано, односно жива закопана црква. Пред некое време мавровчани ја исчистија внатрешноста на црквата.
Црквата „Св. Никола“ повеќ 50 години тоне во вештачкото езеро. Храмот е потопен кога се градел хидросистемот Маврово, а оттогаш за неа никој не се грижи и е оставена на забот на времето. Изградена е во 1857 година во тогашното Мавровско Поле, од мермер и од гранит, со мермерен олтар и вреден иконостас и икони од Дичо Зограф. Бидејќи црквата е правена од бигор, во големи блокови, идеја беше таа да се демонтира, да се направи бедем од камен на која повторно ќе се постави и нема да биде во водата. Идејата првпат била образложена на митрополитот полошко-кумановски Кирил. За таа цел бил формиран и организациски одбор на кој бил повикан и митрополитот Кирил. Во одборот имало и претставници од големи фирми, кои сакале да донираат. Но, митрополитот се откажал од идејата и решил да се гради нов манастирски комплекс, чиишто темели беа поставени на 24 мај 2008 година, а старата црква остана и до денес да пропаѓа во водата.
Однадвор црквата изгледа многу скромно бидејќи такви биле времињата, не се дозволувало храм да изгледа многу театрално. Внатре има иконостас работен од бел мермер. Преданијата говорат дека на тајфите што ја граделе оваа црква им се плаќало со златници. Не штеделе мавровци, кои во тоа време биле печалбари, за да го изградат светиот храм, кој сега повеќе од половина век е среде езеро. Црквата „Св. Никола“, која се наоѓа на јужната страна на некогашното Мавровско Поле, е под вода уште со полнењето на Мавровско Езеро…
Иако ѕидовите често ѝ се под вода, тие, сепак, одолеваат на временските услови. Постарите мавровци објаснуваат дека во изградбата на црквата бил употребен најквалитетен камен и била изведена посебна мајсторија на ѕидањето на каменот т.н. заб на заб. Сѐ до шеесеттите години на минатиот век во црква „Св. Никола“ се одржувале богослужби. Кон крајот на 1952 година, кога почна да се создава Мавровско Езеро, иконите и другите црковни предмети биле преселени во малата црква што се наоѓа наспроти потопената. При потопувањето на црквата биле заборавени дрвениот иконостас и иконите што ги изработил познатиот зограф од мијачкото село Тресонче – Дичо Зограф, како и книги и други црковни предмети. Подоцна тие се извадени и конзервирани.
Феноменот, светецот или божјата волја не дозволува да исчезне во длабочините на езерото. Таа постојано испливува од водите, а луѓето тоа го објаснуваат прогласувајќи ја за свето место.
Ретко кој има можност да ја посети внатрешноста на црквата „Св. Никола“ во Маврово бидејќи поголемиот дел од годината таа е под вода.