Црквата „Свети Никола“ во село Градешница по својата архитектура и сликарска програма претставува типичен примерок на деветнаесетовековните, преродбенски цркви. Изградена е во центарот на селото во 1862 година, а дваесетина години подоцна била живописана. Изгрaдена од камен со димензии од 18,60 х 12 м. и висина од 7,87 м.
Градбата на црквата е од типот на трибродна псевдобазилика поделена со две колонади од столбови и спратна галерија. На западната и на јужната страна изградени се тремови, од јужната страна видливи се оградните ѕидови изѕидани од камен, каде е поставена главната влезна дрвена порта. Над вратата на југ, во вдлабена полукружна ниша, насликан е свети Никола Чудотворец, а над вратата на запад насликан е свети Атанасие, кој веројатно бил патрон на постарата црква.
Кон источната страна поставен е дрвениот висок иконостас украсен со икони, а ентериерот на црквата го краси и останатиот црковен намештај (владичкиот престол, амвон, седала), во манирот таканаречен локален барок. Се претпоставува дека иконите се дело на тајфата на браќата Јосиф и Јаков Радеви од Лазарополе. Сигнатурите се испишани на словенски јазик.
Поради претрпените штети во текот на Првата светска војна биле извршени поправки врз архитектурата во 1923 год., а ѕидното сликарство било обновено во 1927 година, кај горните зони на страничните кораби и централниот кораб. Овие оштетени површини биле повторно осликани од страна на Коста Николиќ со неговите синови, Јаким и Теодосија, по потекло од Лазарополе, за време на Митрополитот Јосиф од Битола.
На северниот ѕид од наосот на поголем дел од ѕидната површина насликана е композицијата Исус Христос Праведен судија. Од големо значење е композицијата на северниот ѕид каде се претставени првословенските учители, Солунските браќа св. Кирил и св. Методиј.
Од особено значење е и претставата, во цел раст во првата зона на јужниот ѕид од наосот, на св. Ѓорѓи Димовски, кој бил локален маченик.