Се напила од манастирската вода и прозборела
Домаќините на единствениот манастир за 13 села во Тиквешијата не можат да го заборават чудото кога од устата на 18 годишна девојка која се напила од манастиркста вода наеднаш се откорнало “татооо” иако таа неможела да говори.
На семејството Гуреви сеуште им се свежи сеќавањата на настанот за кој немаат објаснување, а се случил во првите години по нивното доаѓање. “Дојдоа еден ден непознати во манастирот – маж, жена и девојка. Мажот седна со нас, а мајката и ќерката отидоа да се измијат на чешмата. Се изми девојчето, се напи од водата, се заврте накај нас и викна: Татооо. Во тој момент мажот се онесвети. Не знаевме што се случува. Подоцна ни кажаа дека нивната 18 годишна ќерка одненадеш го изгубила говорот. Ја носеле секаде – никој не знаел лек. Само што се изми од лековитата вода, повторно проговори. Тоа не се раскажува со зборови, тоа треба да се доживее”, вели Лилјана.
Легендата вели дека многу одамна, кога во манастирот живееле монаси, се случило големата река што ги вртела дванаесетте камења за селската воденица толку да надојде, што за малку ќе го одвлечкала манастирот. На монахот кој се молел на Господа да му помогне му се појавил пред очи Свети Архангел Михаил. Тој со копјето ја прободил земјата, отворил голема дупка и реката истекла во неа. Тоа чудо е претставено и на големата икона поставена над една од вратите во Манастирската црква во селото Крњево.