Си беше еднаш еден цар на Персија, него историчарите го имаа наречено Нарсит, а живееше во време кога во Рим царуваше паганскиот цар Диоклецијан. По делата се гледа дека овој Нарсит или беше целосно христијанин, или, пак, не беше многу далеку од Христијанството, оти од историјата се знае дека такви беа некои персиски цареви.
Значи овој цар си живееше долго со царицата, и бидејќи немаше машки наследник, а многу сакаше, усрдно се молеше не Бога да му дарува еден син. И бидејќи Бог му ја услиши молитвата, по многу години царицата го зачна преблажениот Онуфриј, великиот угодник Божји и голем пустиножител.
Но ѓаволот кој го мрази човечкиот род, откако го позна по некои знаци доброто што следеше и сакајќи да го спречи, зеде лик на човек туѓинец, дојде кај царот и му рече:
-Цару, знај дека чедото што се зачна во утрoбата на твојата царица, не е твое, туку на еден од твоите робови. Ако сакаш да ја дознаеш вистината, направи како што ќе ти речам. Кога ќе се роди детето, нареди да се запали голем оган и фрли го детето во него. Ако не изгори, тоа ти е знак дека е навистина твое чедо, ама ако изгори, знај дека не било твое.
Така царот, бидејќи поверува на овие ѓаволски лукавства, многу се налути на својата царица, ама тоа го криеше во себе, за да не се дознае до вистинското време. А потоа, кога се исполни времето и дојде мигот царицата да роди, и кога таа роди машко дете, царот наместо да се зарадува за синот што Бог му го беше подарил, се наполни со гнев и сомнеж, запали голем оган и го фрли детенцето во него. Но семоќниот Бог, Кој ги пази младенците со Својата пречудесна сила, го сочува и ова дете неизгорено од огнот, живо и здраво.
И не само тоа, туку и нешто друго чудесно се виде: кога се најде во огнот, детенцето ги подигна кон небото своите рачиња, како да се моли на Бога. Кога царот, таткото на детето, го виде овој чудесен знак, силно се исплаши, и сфати дека
ѓаволот го беше измамил.
Откако го извади од огнот детенцето неповредено, ангел Господов му се јави на царот и го прекори што му поверува на лажливиот непријател и падна во неговата лукава стапица.
И му заповеда ангелот да го крсти детенцето и да го нарече Онуфриј, а потоа да го однесе во пустината, таму кај што Бог ќе го упати, оти тоа ќе биде голем пријател и угодник Божји.
Царот веднаш стана, и штом си го зеде синчето тргна, според заповедта Божја, кон планините и пустините на Египет. Додека така одеа, со нив одеше и една бела срна, што Бог ја имаше пратено да го храни младенчето со млеко, дури се на пат. Таа му поита во пресрет на царот, падна пред него на колена, како да му се поклони, и продолжи заедно со поворката и патуваше со нив, хранејќи го младенчето со своето
млеко. А таткото на младенчето, штом го виде тоа се зачуди на Божјата грижа за младенчето и велеше:
-Сега дознав дека навистина мојот син ќе биде голем пријател и угодник Божји.
Значи одејќи, тие, долго по патот, стигнаа до границата на Тиваида во земјата Египетска, и дојдоа до тврдината што се викаше Ермополис. Таму на одбрано и убаво место, недалеку од тврдината, наидоа на манастир. Овој манастир се викаше Еритски и имаше стотина благодатни монаси. И му заповеда Бог на царот таму да го остави својот син. А старешината на оној манастир
се зачуди на посетата на персискиот цар и го прими со големи почести. Царот, пак, му раскажа на овој настојател подробно сѐ за младенецот и дека по заповед Божја е дојден во нивниот манастир.
Старешината, откако го сослуша кажувањето на царот, зачудено му рече:
-Како и кој меѓу нас ќе може да го храни ова детенце што има потреба од мајчино млеко, оти во нашиот манастир не може да влезе ниедна жена?
Царот одговори:
-Како што до овде Бог го хранеше, преку онаа срна што дојде со нас, исто така и понатаму ќе го храни таа срна, дури има потреба од млеко.
Така царот, откако го предаде својот син на Бога и го довери на отецот настојател, се врати во својот дом. А онаа срна живееше крај манастирот
и го хранеше детенцето до неговата трета година.
Штом се исполнија тие три години, таа си замина во пустината, а детенцето почна да се храни со обична храна. И кога детето наполни седум годинки, тоа често влегуваше во трпезаријата и бараше парче лепче, а потоа одеше во првиот дел на црквата, каде стоеше живописана икона на Пресвета Богородица, која на раце Го држи нашиот Господ Исус Христос. Значи, штом ќе се приближеше Онуфриј до иконата, бидејќи беше со незлоблива душа и света простодушност, тој си разговараше со Младенецот Христос, Кој беше нацртан на иконата, во девствените раце на Приснодева, како со жив човек. И му велеше вака:
-И Ти си мало како што сум јас, ама јас одам во трпезаријата и си барам лепче од трпезаристот и си јадам, а Ти никогаш не јадеш. Оти се мачиш
така и гладуваш, ништо не јадејќи? Еве, земи го моето лепче и касни.
А нацртаниот на иконата Младенец Христос, како да е жив, го подаваше рачето и го земаше лепчето од рацете на Онуфриј, а на овој дури му се гледаше како Христос да јаде од лебот.
Ова чудо се случи не еднаш, не двапати, туку многупати, и еднаш трпезаристот, гледајќи дека детенцето често зема лепче, почна да го следи за да види што прави со лебот и каде го носи.
Штом го виде како со лебот влегува во црква, тој тргна по него и стаса до вратата на првиот дел од храмот. Тука го виде спомнатото чудо и се исплаши многу. Потоа, откако излезе од таму, му објави за ова на настојателот и на сите други монаси што се подвизуваа во добри дела, кои штом слушнаа за тоа чудо, многу се уплашија.Тогаш настојателот вака го поучи трпезаристот:
-Кога детето Онуфриј повторно ќе побара лепче од тебе, немој да му дадеш, туку речи му:
„Оди барај си лепче од Оној на Кого многу пати претходно си Му давал“.
И трпезаристот го послуша настојателот, та направи како што му беше наредил.
Утрото, кога Онуфриј дојде и по обичај си побара лепче, трпезаристот не му даде, туку му рече:
-Оди барај си лепче од Оној Кому многупати си Му давал.
Така детенцето, бидејќи гладно, си појде плачејќи кон иконата на Пресвета Богородица и Му рече на Младенецот Христос, што беше нацртан на иконата:
-Трпезаристот не сака да ми даде лепче, а јас сум гладен; дај ми сега Ти, зашто јас многу пати сум Ти давал!
И веднаш Младенецот Христос му даде една голема и убава, чиста и бела како снег, топла погача леб. Лебот беше толку голем што седумгодишното дете едвај можеше да го носи. Онуфриј, земајќи го лебот од Христовите раце, го носеше со голема мака. И штом дојде кај
настојателот, детински му се пофали, велејќи:
-Еве, Младенецот Христос ми даде лепче!
А настојателот, восхитувајќи се на таквото големо чудо, ги собра сите монаси и им го покажа тој чудесен леб, а потоа му нареди на трпезаристот на сите да им раскаже што видел.
Потоа и Онуфриј, бидејќи го прашаа, рече дека лебот го зел од рацете на Самиот Христос. И сите почнаа
велегласно да Го величаат Бога, Кој направи такви чудеса со детенцето Онуфриј. Потоа го разделија лебот на мали делчиња, заради благослов и
осветување на сите монаси.
И живееше Онуфриј во манастирот уште неколку години, усовршувајќи се во правењето добри дела и во смирението, а потоа се насели во
срцето на египетската пустина, каде се удостои да го хранат ангели и од каде што се пресели кон Господа на возраст од преку 100 години.
Православие.Мк