ЧУКА ЛИ СРЦЕТО НА СТАРАТА БИТОЛСКА ЧАРШИЈА???

Преживеа скоро се а денес се бори со пандемијата… најубавата чаршија во државата

Ако само пред неколку децении тргнеше од Дрвен Пазар до Ат Пазар, тесните камени сокаци ќе те одведеа низ триесетина чаршии. Секоја од нив одзвонува со свој посебен звук со свој посебен глас. Студенилото на каменот заменето со топлиот збор на мајсторите – мајтапчии и калфите – досетливи. Постари и помлади, совети и поуки.
Секој камен од тие калдрмени улици илјадници пати во денот ги чувствува туѓите чекори како вјасаат да откраднат поголемо парче од денот.
Коњите каскаат, камилите и дрвените коли натоварени со најубави стоки од Виена, Париз и Стамбол, Далечниот Исток со своето крцкање го параат воздухот, толку пријатно…
Како еден од најзначајните занаетчиски центри во Македонија а и пошироко, во текот на 19 век, во Битола постоеле и се развивале околу 140 занаети или професии. Сите тие лоцирани на триесетина различни пазари, во различни улички, групирани во посебни еснафски организации со сопствени управни тела. Ат Пазар, Овчи Пазар, Житни Пазар, Маст Пазар, Тус Пазар, Пекмез Пазар, Дрвен Пазар и уште многу други ќе ве пречекаат со раширени раце. Ќе Ве повикаат анџиите и меанџиите да се одморите и да се нагостите. Бозаџиите и салепџиите ќе ве заблажат, а ќе Ве дочекаат чаршиите и трговците.

Старата Битолска Чаршија со околу 900 дуќани, беше дамарот на градот каде сé се создаваше и каде сé се продаваше. Во неа се насетуваше животот на Битола. Бројните занаети и професии го диктираа темпото на животот на целокупното население и од градот, но и од околните места.
Ударите на чеканот, звукот на машините, сјајот на срмата и сребрените нишки кои блескаат од излозите ве мамат со својата убавина.
Пазарните денови беа особено бучни исполнети со трговски надмудрувања и купувачки негодувања. Но сепак сите тие завршуваа најчесто на општо задоволство. Дрвените дуќани со дрвени ќепенци во пожари изгорени, а нови поцврсти напрвени и со метални кепенци затворени. Затворањето на кепенците, претставуваше момент на привремено затајување и подготовка за утрешниот ден. И додека терзиите, срмаџиите, кондураџиите, опинчарите, калајџиите, златарите, кујунџиите и другите заминуваа на заслужениот одмор, низ чаршијата се ширеше звукот на чалгиите а мирот кој постепено завладуваше доцна во ноќта го нарушуваа фурнаџиите, анџиите, симитџиите и бурекџиите кои со мирисот на свежо приготвените јадења го будеа новиот ден.
Новиот ден ист, а пак поинаков од претходниот.
Кепенците железни постојат но тие не ги кријат некогашните занаетчиски дуќани, туку ги затскриваат современо опремените продавници. Со својот шкрипот го носат утрото и со него ја најавуваат вечерта. Ја будат љубопитноста и го бараат жагорот на оние кои останале последни. Ѕвончарите, шапкарите, папуџиите, ковачите и метларите наспроти свеќарите, локумџиите и леблебиџиите. Овие последните како симбол на материјалното и духовното на нераскинливоста помеѓу животот и смртта.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Leave a Comment