Празников е востановен во спомен на чудесното исцелување на византиската царица Зое, сопругата на Лав Мудриот, со посредство на појасот на Богородица што се чуваше до тоа време во Богородичната црква во Влахерна, Цариград.
После своето успение, Пресвета Богородица му го даде својот појас на апостолот Тома. По Божја промисла, светиот апостол Тома задоцнил за погребението на Пресвета Богородица и кога на третиот ден дошол , посакал да се отвори гробницата за да го види телото. Кога апостолите отишле до гробницата и ја отвориле , виделе дека телото го нема таму. И додека стоеле вчудоневидени, на небото во целата своја небесна слава се појавила Мајката Божја. Бог допуштил да се случи тоа за да знаат дека и Таа со тело се вознела на Небесата. А за потврда дека не е само обично видение, Богородица го одврзала својот појас и го пуштила долу пред апостол Тома.
Така појасот останал овде на земјата
Тој појас подоцна беше пренесен во Цариград и чуван во запечатен ковчег во црквата на Пресвета Богородица во Влахерна, што ја изгради царицата Пулхерија. Овој ковчег никогаш не се отвараше, с ѐ до времето на царот Лав Мудриот (886 г. – 912 г.). Сопругата на Лав, царицата Зоа, душевно се разболе, и според некое таинствено видение посака врз неа да го положат појасот на Пресвета Богородица. Царот го помоли патријархот, па го отворија ковчегот, го извадија појасот и го положија врз болната царица. Таа веднаш оздраве. Во спомен на тоа чудо се востанови овој празник.
Дел од тој појас се наоѓа во Грузија, во Зугдид. Имено, ќерката на царот Роман се исцели со помош на овој појас и подоцна, кога се омажи за царот Абухаз Грузиски, таа понесе дел од појасот со себе. На заповед од рускиот цар Александар I изградена е посебна црква во Мингрелија во Зугдид, каде што се чува тој дел од чудотворната облека на Пресветата Божја Мајка.