Српскиот монах кој лечел луѓе и бил свет, се подвизувал на македонскиот остров Голем Град

Според делото на Миливоје М. Јовановиќ МОНАХ КАЛИСТ Биографија,Добривоје Милуновиќ, подоцна монах Калист е роден 1896 година во село Каоник, до Крушевац во Р. Србија. Потекнува од скромно, работничко, побожно семејство.,Монахот Калист бил духовно чедо на Владиката Николај Велимировиќ.Голем обновувач на цркви и манастири,живееше долго во дивини ,змиите отровници не го касаа него ,хранеше мечки и лекуваше луѓе,се упокои во 1991 година на свои 95 години во манастирот Жица.

Ќе се осврнам на неговиот животна македонскиот остров Голем Град,записите сведочат за тоа…

Пролетта, 1924 год., се збогува со своето двегодишно пребивалиште на Петрино и заминува на Голем Град. Додека слегувал од Галичица имал лошо чувство, знаел дека му претстои некоја опасност, но не и каква. Легнал да се одмори и доживеал виедение: дознал дека мора да оди на островот, без разлика на стравот и опасностите кои таму го чекаат. Утредента стигнува во с. Коњско. Преноќил во домот на Видин Петровски. Домаќините, зачудени од неговата намера се обиделе да го одвратат, кажувајќи му за опасностите што демнеат, за змиите отровници, дека островот го користеле само на зима за пасење на овците. Внимателно ги сослушал, на момент помислил да се откаже, но се сетил на видението, иако знаел дека селаните ја зборуваат вистината. Наредниот ден, со чамец бил пренесен до воената касарна на Преспанското езеро, каде што биле сместени граничарите на границата на Југославија со Грција и Албанија. Им кажал зошто дошол, па и тие се обидувале да го разубедат и проверувале дали е нормален, штом сака да живее меѓу змиите и на дофат на рацете на арнаутите. Им раскажал за Првата Светска војна, животот на Петрина, за неговите размисли за животот. Увиделе дека можат да се потпрат на неговото воено искуство и дека за сè можат да се потпрат на него, па одлучиле да соработуваат. Му предложиле да им праќа сигнали доколку забележи дека некој се приближува од Грција или Албанија и околу некои други работи.

Со патролниот чамец го префрлиле на островот. Во селото, купил малку храна, а и граничарите му оставиле леб. Штом го оставиле на островот, војниците истуриле некоја течност во круг. Од мирисот змиите бегале, но тоа траело само неколку дена. На почетокот се плашел од змиите и арнаутите, се молел барајќи заштита од Бога. После неколку дена, пред зори, голема светлост слегла над него и се исполнал со смирение, од никого и ништо да не се плаши. Петнаесет дена се спремал за престојот на островот без никаква потреба за храна и вода. На сред шума наидува на фоја, која е подебела и повисока од останатите дрва. Слушнал дека змиите не се качуваат на фојата, дека нејзината кора е рапава, трнлива и одлучил да си направи колиба на големото дрво. Ѝ го отсекол врвот, да биде пониска од другите дрва, за да се заштити од гром. Отсечените гранки ги распоредил како чадор, врзувајќи ги со кора од липа. Употребил и некои даски кои ги нашол на брегот. Живеел како во планината, спремал храна, правел дрвени крстиња, се молел, читал… Се хранел со некои корења слични на кромид, но погорчливи од пелин. Морал да ги вари во шест води. За две години цел остров го исчистил од тие корења. Преспанското Езеро било полно со разновидни риби, од кои најголеми биле жолтите и црни шарани, потоа големи јата плашици, на островот бројни жители биле и чапјите, змиите, а понекогаш гледал и по некој зајак. Го засакал своето ново пребивалиште, небото над островот, езерото, природата, своите духовни искуства, измешани со стравот од змиите и арнаутите. Бил единственото суштество на просторот од неколку квадратни километри, кое знаело да размислува.

На островот ги пронашол урнатините од црквата Свети Петар. Изградена од Немањики. Црквата има јужна и западна врата. На двете страни од јужната врата се надзираат фрески, два бели орли, грбот на Немањиќи. Бршлен го прекрил ѕидот и фреските и по Божја промисла ги заштитил од пропаѓање. Во внатрешноста нема иконостас, нити престол. Калист посакал внатре да се моли, иако била разрушена и немала покрив. Подот бил доста јак, рамен и сочуван, по него лазеле стотици змии од различни видови. На почетокот се плашел, потоа ги оставал да му се приближат околу стапалата и станувал сè послободен со нив. Наутро, со метла ги бркал и постојано се навикнувал на нив. По некое време, престанал да чувствува одбивност спрема змиите, а тие почнале да се однесуваат како пилиња, вели старецот. Иако ги скротил, сепак бил претпазлив, но за две години, ни една змија не го нападнала. На островот имало и неколку Германски гробишта од Прва светска војна. Еден ден, со брод дошле нивните роднини, ги ископале коските, со дозвола на властите и ги ставиле во посебни вреќи. Се однесувале свечено, како да допираат голема светиња…

Две години се хранел со корења и потоа се одлучил, како што самиот вели, да се освежи со шарани. Се одлучил за жолтиот шаран, надевајќи се дека рибата ќе му годи, но се излажал. Вкусот му бил толку лош, а и без сол не можел да јаде. Кога дошле граничарите да го посетат, му кажале дека црниот шаран е повкусен и му оставиле леб и два килограми сол. Рибата и солта го ојачале, но и страстите му се разбудиле и многу желби. „Тврдам дека страстите можат да се вратат, во полна снага и на најголемиот испосник! Можат да ослабат, можат да се потчинат, но со испосништво не можат да се уништат!“ – раскажува старецот во погоре споменатиот запис.

На почетокот, во текот на денот се присилувал да изговори по дванаесет илјади Исусови молитви. Упорно, сè додека молитвата сама не се одвивала во неговите гради и штом умот се врзeл со срцето, за него настанувал рај на земјата. Не го чувствувал оној капак на главата како на Петринската планина, туку како главата целосно да му е отворена. Леснo и јасно го разбирал Светото Писмо, прозирал во иднината, на сознавањето му немало крај, како и на радоста.

Монашкиот живот е голема школа. Науката Христова, како што вели монах Калист, е најчиста вода која пои и храни. Во еден таков молитвен занес бил посетен од Царот Небесен. Од таа средба, во срцето му пламнала радост, не знаел дали е на земја или на небо. Молитвата го смирувала, одржувала и го бодрела. Го носела до најдлабоките тајни. Молитвата е клуч на знаење, дом на радост, вечна веселба, вели монах Калист. Пред крајот на втората година, добива порака од владиката Николај веднаш да оди во Охрид. Но, поради приврзаноста за, според него, најубавото место на светот, не сакал да го прими послушанието. Седум дена се молел на Бога да го спаси од Владиката, но го почувствувал оној ист страв и грижа на совест како на Петрина. Со тажно срце го напушта својот остров, жалејќи за земјата, водата, па и за змиите. Тука доживеал нешто длабоко и величенствено. Во село Коњско монах Калист бил познат како Калисо. Ретко, скоро никогаш не општел со жителите на селото. По кажувањата на баба Видиница (сопругата на Видин Петровски, семејството кај кои преноќил штом стигнал во Коњско) често му оставале храна на островот, но како што ќе ја оставеле, така ќе ја најделе.Има уште многу да се пишува за овој свет монах се надевам во следните објави во Верската ризница повторно ќе се оддвои по некоја легенда ,запис за светиот Калист,дотогаш секое добро

Снежана

Leave a Comment