Битолско–Пелагониски регион
Во Битолско–Пелагонискиот регион се регистрирани повеќе последици од поројните врнежи, при што надлежните служби интервенираат на повеќе локации.
Поради оштетување на мост на Боишка Река, затворен е локалниот пат кон село Мренога. ЈП „Комуналец“ превентивно интервенира во населбата Мургашево со проширување на речното корито со цел заштита на околните куќи.
Поради поројните врнежи во изминатите денови дојде до поматување на водата за пиење, поради што се препорачува истата да се преврива најмалку 10 минути. Нивото на реката Црна кај с. Бучин беше покачено, но е стабилизирано и во моментов не постои опасност од излевање. За превенција, ЈП „Комуна“ ги зајакна и поткрена насипите на критичните точки.
Во општина Крушево е пријавено излевање на Крушевска Река кај мостот на патот Кривогаштани – Светомитрани. По координација со општина Кривогаштани договорена е интервенција според потребите на терен.
Во општина Долнени е пријавена штета кај жител на с. Лажани, каде се поплавени двор и приземни простории, со оштетувања и на земјоделски култури. Поплавувања се евидентирани и во селата Пешталево и Лажани поради неисчистени канали, при што интервенирано е со градежна механизација за расчистување.
Во повеќе села се регистрирани поплавени земјоделски површини:
с. Кравари – заезерени 10–20 хектари земјоделско земјиште (без опасност по објекти),
с. Жабени и с. Породин – во текот на денот беа поплавени околу 70–80 хектари, по што водата постепено се повлече.
Излевање е евидентирано и кај Елешка Река, каде беа поплавени околу 50 хектари земјоделски површини, но до попладневните часови водата се врати во коритото.
Поради оштетувања од водата, патот кон Буковски манастир беше разорно раскопан, но по интервенција на ЈП „Нискоградба“ патот е саниран и пуштен во употреба. Активни се и интервенции на свлечишта кај селата Буково, Горно Ореово и Бистрица, како и чистење на канали и речни корита на повеќе локации.
Како последица на врнежите, на повеќе места се поплавени земјоделски површини, дворови, куќи, помошни објекти и магацини за складирање на јаболка. Во општина Ресен ангажирани се сите расположливи градежни машини и пумпи за црпење вода и прочистување на критичните точки.
информативен пресек на ЦУК до 18 и 30
фото архива на новост