Раѓањето на Богородица не било ни случајно ни обично, затоа што идната мајка на Спасителот Исус Христос требало да се роди од родители свети, чисти и праведни.
Тие, исто така, требало да бидат од двете еврејски лози од Давидовата и Ароновата, бидејќи од првата произлегувале еврејските цареви, а од втората старозаветните првосвештеници. Во тоа време меѓу малкуте праведни луѓе во градот Назарет биле и родителите на Пресвета Богородица Јоаким и Ана.
Јоаким бил токму од царскиот род Давидов, а Ана од родот на првосвештениците. И двајцата биле многу скромни, побожни и добри, ги помагале сиромасите и болните, а ги советувале младите. Од приходите што ги имале една третина задржувале за себеси, една давале на храмот, а една третина раздавале на сиромасите. Но биле многу несреќни затоа што немале деца. Во тоа време немањето пород се сметало за последица на божја казна за некој голем грев па и за нив многумина се сомневале дека во себе кријат токму таков грев. Јоаким и Ана постојано искрено и со солзи го молеле Бога да им даде рожба и да го симне срамот од нивниот образ, ветувајќи дека ќе ја воспитуваат во вистински благочестив дух и дека ќе ја дадат да му служи во храмот.
Луѓето без деца се соочувале и со повеќе забрани, па така не им било дозволено и меѓу првите да принесуваат жртва во храмовите. Еднаш кога на еден голем празник и Јоаким сакал меѓу првите да принесе жртва во храмот во Ерусалим, од првосвештеникот бил прекорен дека тоа не смее да го прави зашто поради гревовите Бог не го дарувал со деца. Јоаким отстапил длабоко навреден и жртвата ја принесол последен. Оттука наместо дома отишол во пустината кај своите стада каде што поминал 40 дена во строг пост и молитви. Го молел Бога да го дарува со рожба. Во тоа време и Ана дома се молела за истата цел. Неа не само што другарките ја прекорувале, туку и слугинките и се потсмевале затоа што немала деца. Еднаш додека била во градината видела како некоја птица си ги рани своите пилиња. На тоа уште повеќе се нажалила и го молела Бога да и даде рожба, за да не биде подолу дури и од сите животни и од пилињата.
Јоаким и Ана биле убедени дека со молитви ќе го смилостиват Бога да ги дарува со рожба иако биле во поодминати години. Впрочем и Аврам и Сара, иако, исто така, биле во постари години со волјата Божја добиле дете. И навистина Бог ги слушнал молитвите на праведните Јоаким и Ана и по Архангел Гаврил пратил вест дека ќе добијат женско чедо кое ќе се прослави. Додека Ана искрено се молела пред неа застанал ангел Господов и и рекол:
– Ано, Ано, твојата молитва е слушната. Твоите воздишки ги надвишија облаците. Твоите солзи капнаа пред Господа. Ти ќе родиш благословена ќерка поради која ќе бидат благословени сите овоземни родови. Преку неа ќе биде дадено спасението на целиот свет. Ќе ја викате Марија.
Во истото време ангелот Господов му се јавил и на Јоаким во пустината и му ја соопштил истата вест. Му кажал уште дека Ана веќе е известена со радосната вест и се наоѓа во храмот во Ерусалим за да принесе жртва. Јоаким веднаш пристигнал во Ерусалим каде што заедно со својата жена принесле жртва во храмот. Потоа им се родила ќерка којашто поради тоа што била измолена со многу солзи и ставиле име Марија. Зачатието на Св. Ана црквата го празнува на 22/9 декември, токму девет месеци пред Мала Богородица.