Денеска во Скопје се одржува протест организиран од синдикатите, со барање за зголемување на минималната плата и подобрување на животниот стандард на работниците. Протестот започнува во 12 часот и 5 минути пред Домот на работниците, од каде учесниците ќе се упатат кон Собранието, Стопанската комора и Владата.
Организатор на протестот е Сојуз на синдикати на Македонија, кој предупредува дека голем број работници во земјата живеат со плати под прагот на сиромаштија. Според нивните податоци, повеќе од 150 илјади работници земаат плата пониска од 30 илјади денари, што значи дека речиси една третина од вработените се соочуваат со сериозни финансиски тешкотии. Синдикатите бараат минималната плата веднаш да се зголеми на 600 евра, како и зголемување на останатите плати за најмалку 6.000 денари. Според нив, растот на трошоците за живот, храната и основните производи ја намалува куповната моќ на граѓаните, а платите не го следат тој раст. Од синдикатот порачаа дека борбата за повисоки плати е борба за достоинствен живот на работниците и најавија дека, доколку барањата не бидат прифатени, можно е да следуваат нови протести, блокади и дури генерален штрајк. Протестот денеска се очекува да собере голем број работници од различни сектори, кои со мирен марш ќе испратат порака до институциите дека платите мора да се зголемат.
Снежана.А