Битола уште еднаш докажа дека лесно знае да го урне она што со години макотрпно се градело. Само неколку дена по големиот музички спектакл на стадионот под Тумбе Кафе, сметката за дводневната забава пристигна – и тоа на највисока можна цена. Тревникот на стадионот „Петар Милошевски“, кој важеше за еден од најмодерните фудбалски терени во Македонија, денес е непрепознатлив. Наместо зелен тепих, Битола доби жолто сено, кал и мртва, скапана трева.Додека илјадници фанови уживаа во безвременските хитови на Здравко Чолиќ и светските ритми на Стив Аоки, под нивните нозе се случуваше еколошка и спортска катастрофа. На летни температури од над 35 степени, врз теренот беше поставена тешка дрвена подлога за заштита. Наместо да го заштити, оваа подлога буквално ја „задуши“ и ја „свари“ тревата. Без кислород и светлина, на такво пеколно сонце, коренот е целосно уништен.
Надлежните од Општина Битола и ЈП „Комуналец“ веднаш излегоа со соопштенија дека „интензивно се работи на санација“ во координација со ФФМ, уверувајќи ја јавноста дека прскалките работат и дека сè ќе се врати во нормала. Но, спортските работници и битолчани со право се скептични: дали обично наводнување може да оживее мртов и скапан корен? Реалноста е дека најверојатно ќе биде потребно комплетно гребење на теренот и поставување нови бусени трева, процес што чини многу пари и, што е уште поважно, бара многу време.Најтажниот дел од приказната е што Битола не научи ништо од туѓите грешки. Истото сценарио со години го гледавме во Скопје, на Националната арена „Тодор Проески“, каде по концерти теренот личеше на нива, па државата се соочуваше со меѓународен срам и мораше итно да бара милионски донации од УЕФА за спас. Додека во Европа на стадионите се користат специјални пластични подлоги што „дишат“, кај нас сè уште се импровизира со тешки материјали по принципот „држи вода додека си одат гостите“.
Концерти мора да има и Битола заслужува големи настани, но не по цена на уништување на капитални спортски објекти.
Битола пак ќе пее, но прашање е кога Пелистер повторно ќе заигра на вистински зелен терен под Тумбе Кафе?