Додека политичарите редат празни ветувања за европска иднина, суровата статистика на терен покажува дека наскоро нема да остане никој за да ја дочека таа иднина. Македонскиот образовен систем доживува класичен нокаут. Најновите алармантни најави од Министерството за образование и наука (МОН) откриваат дека државата влегува во септември со околу 4.900 првачиња помалку на ниво на цела држава во споредба со лани. Ова не е обичен пад во статистичките графикони – ова е демографски прогон кој со децении се игнорира.
Падот на Битола: Од „град на конзулите“ до град на пензионерите
Ако некогаш Битола важеше за бастион на културата и младоста, денес реалноста на Широк Сокак е поразителна. Градот ги губи своите деца со застрашувачка брзина.
Официјалните анализи за Општина Битола покажуваат дека во училишните клупи годинава седнаа само 651 прваче.
Зад оваа сува бројка се крие поразителен факт – за само една година, Битола изгуби 116 првоодделенци (од 767 колку што беа претходно).
Ако се погледне уште поострата слика во јунските уписни рокови, бројките едвај надминаа 500 дечиња, пред во септември социјалниот инженеринг и доцните уписи малку да ја ублажат катастрофата.
Еве каде боли најмногу на локално ниво:
Во ОУ „Александар Турунџев“ во с. Кукуречани се запишаа едвај 10 првачиња. Селата буквално се празнат пред очи.Се празни и градското јадро: Дури и во срцето на Битола, училишта со децениска традиција како ОУ „Кирил и Методиј“ кубурат за ученици, запишувајќи само 24 деца во прво одделение.Привид на нормалност: Единствено ОУ „Св. Климент Охридски“ успева да формира посериозен број со 94 првачиња, но и тоа е само капка во празниот океан.
Зошто бегаат децата?Ова не е прашање на „планирање семејство“, ова е директна последица на економскиот пустош, партизираната држава и безнадежноста. Младите брачни парови не одлучуваат да немаат деца – тие одлучуваат своите деца да ги раѓаат во Германија, Швајцарија и Италија.Додека локалните власти се фалат со еднократнa помош од 3.000 денари за прваче, семејствата пакуваат куфери во еден правец.
Македонија и Битола се празнат системски и неповратно.Дали општеството треба итно да се разбуди од летаргијата, бидејќи според статистиките ,училишното ѕвонче наскоро нема да означува почеток на час, туку крај на една нација која се исселува?