Битолчани се соочија со бран поскапувања на јавните услуги, додека платите остануваат речиси непроменети. Зголемени се цените за комуналните услуги, паркинзите и градинките – трошоци кои директно го погодуваат секое домаќинство.
Во изминатиот период поскапеа:
Комуналните сметки (вода, отпад, одржување)
Паркинг услугите низ градот
Месечните давачки за градинките
Граѓаните велат дека покрај овие, растат и други трошоци поврзани со секојдневниот живот, што дополнително го зголемува финансискиот притисок.
ПЛАТИТЕ НЕ ГО СЛЕДАТ РАСТОТ
Иако во март имаше редовно усогласување на платите, граѓаните велат дека тоа не е доволно за да ги покрие новите трошоци.
„Сметките растат, платата стои. На крај мора нешто да се прескокне,“ реагираат битолчани.
Економистите предупредуваат дека ваквите поскапувања може да имаат спротивен ефект од очекуваниот. Наместо зголемени приходи за јавните претпријатија, можно е:
да се зголеми бројот на граѓани кои доцнат со плаќање
да растат долговите кон институциите
да опадне реалната наплата
Најсилно ударот го чувствуваат:
семејствата со пониски приходи
пензионерите
самохраните родители
Кај нив, секое покачување значи директно кратење на основни потреби.
Битола се соочува со раст на трошоците за живот без соодветен раст на приходите. Дали ова ќе донесе повеќе пари во јавните претпријатија или ќе создаде нов бран должници – останува прашање на кое одговорот ќе го даде следниот период.
Подготви:Снежана Анеска
Фото:Новост