Под мотото „Стоп за фемицидот“ и „Правда за Билјана“, жителите на Богданци вечерва со почеток во 19:00 часот ќе одржат мирен граѓански протест во Градскиот парк. Собирот, кој масовно се организира и споделува на социјалните мрежи, доаѓа како одговор на јавниот револт и тага по трагичното убиство на 17-годишната Билјана Кириќ.
Целта на протестот е да се изрази сочувство и длабока солидарност со семејството на прерано згаснатиот млад живот, но и да се упати остар повик до надлежните институции. Граѓаните бараат итна одговорност, строги казни за сторителите и системски реформи кои ќе овозможат брза и навремена заштита на жените жртви на родово и семејно насилство.
„Молкот и институционалниот неуспех не смеат да се премолчуваат за да не ни се повторат нови трагедии“, порачуваат организаторите, кои апелираат на масовно, но достоинствено и мирно присуство.
Вечерва од Богданци се очекува да биде испратена силна порака дека заедницата нема да остане онемена пред насилството.
