Сведоци сме на едно чудно време во кое дигиталниот простор сè почесто се претвора во пазар на евтини озборувања. Социјалните мрежи станаа плодна почва за таканаречени „фејсбук приказни“ по принципот рекла-казала.
Дали народот, гладен за информации или едноставно навикнат на сензационализам, чита и верува во сè што ќе се пласира без притоа да го вклучи филтерот на размислување?
На тој начин, градот и неговото секојдневие се сведуваат на шпекулации, наместо на реални и потврдени настани.
Време е јавно да се каже: за секој објавен текст, за секое изнесено тврдење или критика, мора и треба да стои приложен материјален доказ кој се совпаѓа во целост со текстот. Фотографијата или видеото не се луксуз, туку основа на професионалноста.
Во спротивно, сè останато е само нечие пристрасно мислење, претпоставка или празна реторика. Тоа се приказни од типот „сакам кажам, незнам речам“ кои само ја заматуваат вистината и создаваат вештачки тензии во заедницата.
Не смееме да дозволиме да живееме во свет на непрофесионалност. Таа патека е опасна и сигурно води во погрешен правец – правец на деградација на вредностите, недоверба и површност. Јавниот збор мора да има тежина и одговорност пред граѓаните.
Овде ни се корените, тука е нашата душа. Најдобро и најискрено може да го разбере овој пулс само оној кој се родил на овој асфалт, кој останал тука и покрај сите предизвици и кој и понатаму избира да остане и да се бори.
Токму поради почитта кон тие луѓе и кон градот, должни сме да бараме вистина и професионалност, а не празни приказни кои го уриваат достоинството на нашето живеење.