Горчината и вистината ја споделуваат илјадници луѓе. Еден по еден на 50 години
Читајќи ги коментарите, пораката на народот е следна

Понекогаш коментарите под една животна исповед болат повеќе од самиот текст. Кога ќе ги прочитате судбините на луѓето, напишани една по една, собрани во децении тишина, сфаќате дека „тивкиот пат на преживувањето“ не е само наслов. Тоа е суровата реалност на обичниот човек. Низ тие неколку редови се прелева горчина поголема и потешка од која било политичка дебата.
Во тој екот на скршени судбини чукаат илјадници срца. Тоа е автентичниот глас на народот – оној кој со години наназад го носи тешкиот товар на секојдневието. Но, прашањето кое боли и кое со право се поставува е: ако животот бил тежок во минатото, зошто тоа минато упорно одбива да стане историја? Зошто промените остануваат само празни зборови што се слушаат на вестите, додека во реалноста, на масата кај обичниот човек, ништо не се менува?
Народот е уморен од двојни аршини. Уморен е од тоа да биде гледан од високо само како бројка или како гласачко тело. Владетелите и моќниците мора конечно да разберат: бидете со народот и за народот, бидејќи без него – вие сте ништо.
Историјата докажала дека фотелјите се минливи. Овој народ сменил многу владенија,премиери и претседатели. Ќе ги смени и сегашните, и оние по нив. Но, вистинското прашање со кое секој на власт мора да се соочи пред сопствената совест е: како ќе ве запамети историјата? Дали зад вас ќе останат дела со кои ќе се гордеете, или ќе ве паметат по срушени животи, згаснати семејства и напуштени родни огништа ?
Време е оние кои треба да слушнат, конечно да ги отворат ушите. Затоа што вистината, колку и да е горчлива, никогаш не може да се сокрие
Еден по еден на 50 години: Патот на тивкото преживување
Животот нѐ учи дека големите бури ретко доаѓаат со грмотевици што предупредуваат. Најчесто, тие се прикрадуваат тивко, како магла, и нѐ затекнуваат во годините кога верувавме дека конечно сме закошкале некакво мирно пристаниште. На педесет години, кога човекот треба да го бере плодот на својот досегашен труд, да ги гледа децата како си го наоѓаат патот и да здивне во топлината на своето родно огниште, кај нас се случува нешто сосем поинакво. Се случува една тивка тага. Одиме – еден по еден.
На педесет години, нашиот човек не заминува во пензија, ниту на одмор. Тој заминува во туѓина, или пак, во сопствената земја станува странец. Што е она што ни се случува на овие години за да го спакуваме целиот живот во еден куфер?
Прво ни се случува предавството од системот. Тоа е онаа долга, исцрпувачка битка со сиромаштијата каде математиката никогаш не излегува точна. Работиш со децении, чесно и макотрпно, верувајќи во приказните дека трудот се исплати. Но, на педесет години сфаќаш дека сметките пораснале, а твојата вредност во очите на општеството се намалила. За пазарот на труд стануваш „премногу стар“ за нова работа, а за пензија си „премногу млад“. Во тој меѓупростор на несигурност, сиромаштијата тропа на вратата, не прашувајќи за достоинството што си го градел со години.
Потоа дали ни се случува неправдата – онаа сурова, административна неправда која те гази со ладни параграфи? Дали гледаш како пред твои очи законите важат само за оние кои немаат врски, како извршители и камати ти го јадат правото на мирен сон, додека оние кои ја опустошија земјата уживаат во изобилство? Тоа чувство на немоќ, кога правдата е слепа за твојата мака, е потешко од секој физички товар. Те боли сознанието дека си ја градел оваа држава, а таа те фрла на маргините како вишок.
И тогаш, еден по еден, почнуваме да се кршиме. Некои си заминуваат во странство, со наведнати глави, да чистат туѓи куќи или да работат по градилишта, голтајќи ги солзите додека преку екран ги гледаат внуците како растат. Други остануваат, но духовно се иселуваат – се повлекуваат во себе, со скршено срце и угасен поглед, како избркани од сопствениот живот. Наместо почит, добиваме борба за гол опстанок.
На педесет години не се напушта родното огниште со лесно срце. Тоа е жив оган што ти ја гори душата. Тоа што ни се случува е колективно предавство на една генерација која заслужи многу повеќе, а доби само куфер полн со спомени и неправда. Останува само горчливото прашање: уште колкумина од нас треба да си заминат, еден по еден, за нештата конечно да се променат?
Снежана Анеска