Граѓански протест против фемицидите, институционалното насилство и неказнивоста ќе се одржи во недела, на 8 ноември, со почеток во 12 часот во паркот „Жена Борец“ во Скопје. Протестот го организира неформалната иницијатива „Ниту една повеќе!“, составена од активистки и активисти, по последниот случај на фемицид во Богданци, каде животот го загуби 17-годишната Билјана Кириќ.
Од иницијативата оценуваат дека убиството на девојката повторно ги отвора прашањата за институционалното непостапување, задоцнетите реакции и недоволната заштита на жените и девојките од насилство, објави 4news.mk Посочуваат дека Билјана претходно пријавила насилство и закани по живот, а биле изречени и мерки за заштита, но сепак била убиена од својот партнер.
Протестниот марш ќе започне од паркот „Жена Борец“, ќе продолжи покрај Собранието и Министерството за правда, а ќе заврши пред Министерството за образование и наука.
Организаторите нагласуваат дека протестот е граѓански и не е простор за партиска промоција. Ги повикуваат политичките партии своите канали и институционални механизми да ги искористат за исполнување на барањата, но посочуваат дека партиски претставници, обележја, знамиња и настапи не се добредојдени.
