На денешниот ден, Православната црква го чествува споменот на една од најпочитуваните маченички во христијанскиот свет – Светата маченичка Параскева, во народот позната и како Света Петка Икониска.
Родена во градот Иконија (Мала Азија) во семејство на богати и побожни христијани, таа уште од раната младост го посветила својот живот на Бога, заветувајќи се на девственост и ширење на Христовата вистина.
Нејзините родители имале посебна почит кон петокот, денот кога Господ Исус Христос страдал на крстот, па затоа и на својата ќерка ѝ го дале името Параскева (што на грчки јазик значи „Петок“ или „Подготовка“).
Кога започнале суровите прогони на христијаните под власта на царот Диоклецијан, Параскева била изведена пред суд пред царскиот намесник Аетиј. И покрај понудените богатства, почести и закани со смрт, таа одбила да им се поклони на паганските идоли, изјавувајќи дека нејзин единствен Младоженец е Христос.
Поради својата непоколеблива вера, била подложена на страшни мачења: нејзиното тело било камшикувано, сечено со ножеви и горено со факели. Но, низ сите тие страдања, Бог ја укрепувал и чудесно ги исцелувал нејзините рани, што довело многу пагани да поверуваат во Вистинскиот Бог.
На крајот, Света Параскева била со посечена со меч, преселувајќи се во вечните небесни живеалишта.
Света Петка Икониска во православниот народ се смета за брза помошничка во неволји, заштитничка на семејството, на жените и девојките, и исцелителка на тешки болести и телесни маани.
По нејзините молитви, Господ нека ни подари здравје, душевен мир и цврста вера.
