сре. Ное 11th, 2026

Преподобномаченица Анастасија Римјанка

Родена е во Рим од благородни родители, а останала сираче на тригодишна возраст. Како сираче била земена во еден женски манастир близу Рим, каде што игуманија била некоја Софија, монахиња на висок степен на совршенство.

По 17 години, Анастасија се прочула насекаде наоколу – меѓу христијаните како голема подвижничка, а меѓу незнабошците како ретка убавица.

Незнабожечкиот градоначалник Проб чул за неа и испратил војници да ја доведат.

Добрата игуманија Софија два часа ја советувала Анастасија како да ја држи верата, како да им одолее на ласкавите измами и како да ги истрпи маките. Анастасија ѝ рекла: „Подготвено е срцето мое да страда за Христа, подготвена е душата моја да умре за најслаткиот Исус.“

Изведена пред кнезот, Анастасија јавно ја исповедала својата вера во Христа Господа. А кога кнезот ја одвраќал од верата, најпрво со ветувања, а потоа со закани, светата маченица му рекла: „Подготвена сум за мојот Господ да умрам не еднаш, туку – о, кога би било можно – и сто пати!“

Кога ја соблекле заради потсмев, таа им викала на слугите: „Тепајте ме, сечете ме и кинете ме, покријте го со рани моето голо тело и со крвта скријте го мојот срам!“

Била тепана, кинета и сечена. Во два наврати почувствувала голема жед и побарала вода. Ја напоил некој христијанин Кирил, поради што бил благословен од Христовата маченица, а од незнабошците бил погубен со меч. Ѝ биле отсечени градите и јазикот. Ангел Божји ѝ се јавувал и ја поткрепувал.

Најпосле, била погубена со меч надвор од градот. Блажената Софија го нашла нејзиното тело и чесно го погребала.

Се овенчала Анастасија со маченички венец за време на царот Декиј.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *