Причините за воведувањето привремена администрација во „АЛТА банка“ АД Битола, постапувањето на Народната банка и институционалната одговорност се главните теми на денешната надзорна расправа во собраниската Комисија за финансирање и буџет.
Како што соопшти собраниската прес-служба, на расправата се поканети овластени претставници на Владата, органи на државната управа и други релевантни лица кои треба да дадат одговори за околностите што доведоа до ваквата мерка.
Зошто беше воведена привремена администрација?
Народната банка воведе привремена администрација во битолската банка на 1 ноември, откако надлежниот супервизорски орган во Србија ѝ ја одзеде дозволата за работа на нејзиниот доминантен акционер – „АЛТА банка“ АД Белград, со истовремена одлука за исполнување на условите за стечајна постапка.
Од централната банка појаснија дека целта на оваа мерка е битолската банка да продолжи со работа, а средствата и интересите на штедачите и доверителите да бидат целосно заштитени сè до разрешување на сопственичката состојба.
Администрацијата е предвидено да трае три месеци, а за привремени администратори се именувани вработените во Народната банка: Илија Андовски, Весна Стојчевска и Марија Тодоровска. Тие ги презедоа надлежностите на Управниот и Надзорниот одбор, како и на Собранието на акционери (освен одлучувањето за зголемување на капиталот) и имаат рок од 21 ден да ја утврдат целокупната состојба во банката и да достават извештај до Извршниот одбор на НБРСМ.
Постепено олеснување за клиентите и отворање експозитура во Скопје
Во меѓувреме, Народната банка информира дека продолжува со олеснување на условите за користење на банкарските услуги и располагање со средствата за клиентите на „АЛТА банка“ АД Битола:
Од вчера клиентите повторно можат да ги користат дигиталните услуги. Важи лимитот за располагање со средства од 15.000 денари неделно за корисниците со платежни картички, односно до 20.000 денари за период од две недели за клиентите кои не поседуваат картички.
Од денеска со работа започнува и експозитурата на банката во Скопје, лоцирана во Трговскиот центар „Бисер“ (бул. „Јане Сандански“ бр. 1/1).
Со работа продолжуваат и експозитурите во Битола, Струмица и Тетово, каде што граѓаните можат да подигаат готовина во рамките на утврдените лимити, да плаќаат комунални сметки, да отплаќаат кредити и да ги извршуваат останатите редовни потреби.
